Туристичко-угостителската комора ќе протестира се додека не им ги исполнат нивните барања

Туристичко-угостителскиот сектор од утре напладне почнува со протести пред Министерството за финансии . Протестите ќе траат се додека надлежните не ги исполнат  нивните барања, а вклучени се околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор. Поддршка имаат и од игротеките и од асоцијацијата на туристичките водичи.

-Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето „преживување”. Наместо тоа, навлегуваме во втора година, во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, а полоша е и состојбата во која се наоѓа туристичко-угостителскиот секторот. Се поголем број на претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор за егзистенција во време на криза и пандемија. Нема време за чекање, поддршка е потребна сега и веднаш за сите-рече Голомеиќ.

Вицепремиерот Љупчо Николовски најави дека Владата ќе го презентира 6-тиот пакет мерки за помош на стопанството.Засега само се знае дека се работи на антикризниот пакет со кој ќе бидат опфатени секторите што не работат за време на овој 14-дневен период кога на сила се рестриктивните мерки. Единствено прифатливо за угостителите е Владата да им ги прифати и исполни барањата.

Шести пакет мерки се најавува, но петтиот пакет мерки беше најавен пред Нова Година, а гледаме кога се донесе. Поентата не е само да се најави нешто, туку да се изреализира и навреме да стигне онаму каде што е потребно. Во оваа ситуација сме поради тоа што мерките не се навремени и не се соодветно креирани пакетите, истакна Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.

Туристичко-угостителскиот сектор бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти и репрограмирање на кредитите од банкиТЕ, сè додека не почнат да работат без рестрикции.

Од туристичките агенции, пак, бараат еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста