Туристичко-угостителската комора бара финансиска помош и прецизни протоколи за работа

Угостителите лути на власта зашто доцни петтиот пакет помош за стопанството и граѓаните. Апелираат итно да се донесат прецизни протоколи за работа, зашто секторот буквално е на колена, оставен сам на себе. Комората предупредува дека е прашање на недели кога ќе почне да згаснуваат угостителските објекти поради заостанати долгови со што ќе се зголемува и бројот на оние што ќе останат без егзистенција.

  • Со изминување на месец јануари, а во недостаток на петтиот пакет мерки кој се однесува на првиот квартал од 2021 година, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка, како што тоа се случи во неколку наврати и минатата година. Но овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а континуирано напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор, рече Мартин Ангеловски, од Угостителски-туристички сектор.

Од Туристичко-угостителската комора бараат Владата јавно да ги објави податоците за искористеноста на средствата од финансиската помош во угостителството.

  • Иако речиси една година како е прогласена пандемијата ние се уште немаме протоколи за најголем број од дејностите. Во таа група се и рестораните за прослави и клубовите кои се затворени повеќе од 300 денови и за кои се уште нема никаков протокол за работа. Поради оваа состојба не само што сега не може да се реализираат деловни активности, туку не може ниту се прават планови и проекции за наредниот период. Поради целокупната ситуација станува прашање на недели кога ќе почнат да згаснуваат угостителски објекти поради наталожените долгови, а со тоа ќе се зголемува и бројот на оние кои ќе останат без егзистенција, изјави Ангеловски.

Инаку, Владата им го продолжи работното време  до 21 часот. Но, угостители и натаму се незадоволни. Бараат да работат до 23 часот, зашто не бележеле зголемен промет. Епидемиолозите пак, велат да се издржи уште неколку месеци, мерките за угостителите да останат непроменети.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста