Туристичките агенции, рестораните и кафулињата пред колапс

Првата половина од годината пропадна. Загубите се книжат во десетици милиони евра. Само една туристичка агенција од откажување на закупени хотелски капацитети е во минус и до 1 милион евра. А бројките постојано растат поради откажаните, а веќе платени аранжмани, чартер летови, авионски билети.

Во една туристичка агенција во центарот на Скопје, од 11 ангажирани луѓе денеска затекнавме двајца вработени. Ротираат на работа секој ден. Сопственикот на агенцијата вели сторнирани се 300 аранжмани. Само за 8-ми март 60-тина клиенти не отпатувале во Рим и Милано, но само еден хотел им ветил дека ќе ги врати парите кога ќе заврши коронакризата. Кога? Не се знае. Од авиопревозникот Визер не вратиле ниту денар. Компанијата не ги признава парите за извршените летови, само ги претвора во ваучери уплатените пари за летовите кои фирмата сама ги откажала. Лани во март заработката се мерела во десетици илјади евра, сега е нула. Мерките на Владата немало да помогнат многу. Џабе било некој да им субвенционира придонеси, кога многумина немаат пари за исплата на нето платите.

Туристичките агенции пред колапс. Масовно се откажаа сите резервации за март, но и за Велигден и 24-ти мај, а на никој не му паѓа на памет да резервира за летната сезона. Во туристичките агенции не влегува никој. Само телефоните неуморно ѕвонат. Револтирани граѓани си ги бараат парите назад.

Од туристичките агенции велат, пари за враќање нема, веќе биле уплатени на партнерите. На патниците ќе им се понудат ваучери за замена на датумот на патување во период од една година.

И угостителството ги живее своите најтешки денови. Рестораните, кафеаните, баровите зјаат празни. Масовно се откажуваат резервациите и во хотелите.

Еден хотел во Скопје имал 250 откажани резервации само за последните две недели од март. Угостителите велат дека отказите не можат да се избегнат, а бескаматните кредити нема да бидат доволни за да се покријат трошоците. Откако работата ја скратиле до 18 часот прометот паднал до 80%, а сега е нула.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста