Туристички агенции: Да нема карантин за влез во Македонија, во спротивно ќе банкротираме

Целосно отворање на границите без карантин и изолации и протоколи како во европските држави, бараат туристичките агенции од земјава. Во услови на нула денари профит, колку што се наоѓаат во последните три месеци, бараат и неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, ослободување од ДДВ. Во спротивно според нив, ќе се соочат со катастрофа, зашто како што велат, жив човек нема да влезе и да побара аражман за летување.

– Не сакаме да профитираме, не бараме големи грантови. Сакаме нормални услови за работа, а додека државата не ни ги створи, бараме поддршка за опстанок на нашиот бизнис, за опстанок на нашите семејства, за покривање на трошоците. Бараме неповратна помош, зашто ако евентуално ни се обезбедат позајмици, не ќе имаме средства да ги вратиме. Ние сме неколку илајди вработени и за жал, ако ситуацијата вака продолжи, а државата не ни помогне, голем дел од нас ќе банротираат, ќе бидеме приморани да затвориме и практично од септември ќе бидеме нови невработени. Допрва не чека мртов период, септември, октомври, ноември, декември. Дали мислите дека некој ќе оди на Нова Година или ќе патува на есен, ќе плаќа фрст минит патувања за во 2021-ва? Луѓето се плашат порано да ги дваат своите пари, им е страв дека ќе останат заробени, рече Ана Марија Алекосва сопственик на туристичка агенција.

Меѓу барањата, дополни, е и агенциите да бидат исто така опфатени со мерката за ваучерите „Дома си е дома“.

Туристичките работници бараат неповратна финансиска помош за покривање на режиските трошоци. За помалите агенции до 5 вработени 500 евра субвенција, а над 5 вработени по 1.000 евра додека трае ситуацијата, но и за април, мај и јуни.

Отворањето на границите под овие услови за нас е катастрофално, велат од секторот. Бараат отворање на границите, без вакви рестриктивни мерки.

Гласот го кренаа и туристичките водичи. Бараат поддршка од државата за да ги надминат финансиските загуби. Велат дека не биле вклучени во ниту еден од пакетите што ги дава државата.

– Во моментот како резултат на пандемијата, туристичките водичи трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани и немаат никаква поддршка, а уредно ги плаќаат сите давачки кон државата. И покрај сите уредно доставени писмени барања до Владата и до Министерството за економија, досега немаме никаков одговор. Ова е професија од посебен интерес за државата и бараме од Владата и Министерството за економија да не ги игнорираат нашите барања бидејќи сме во незавидна, тешка положба. Бараме изнаоѓање на неодложни начини за финансиска поддршка на нашата професија, истакна на прес-конференција претседателот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници Димитар Кавраков.

Туристичките агенции се близу 95% семејни бизниси и засега, и покрај Ковид-кризата, речиси нема отпуштања. Зад барањата стојат од 70 до 100 туристички агенции од цела Македонија.

Борис Грујоски