Ципрас се подготвува за Влада без Каменос

Ципрас се подготвува за Влада без Каменос. Медиумите пишуваат дека грчкиот премиер  неможе да се ослони на министерот за одбрана Каменос кој се покажа како несигурен играч и голем противник на Преспанскиот договор, па си ги пребројува пратениците кои би го поддржале.

Дел од пратениците на Анел и покрај противењето на нивниот лидер се очекува да застанат на страната на Ципрас. Владата на Сириза доколку има потреба ќе ја поддржеле и пратеници на Потами и покрај различните ставови на нивната партија. Партијата Потами го поддржува Преспанскиот договор, но има различна политка од Сириза.

Вчера и портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос за грчко радио потврди дека Владата на Сириза може да опстане и без поддршката на Независни Грци.

Во меѓувреме главниот играч на Ципрас во спорот со името и потписникот на Преспанскиот договор, Никос Коѕијас, вчера на партиски состанок од Крит кажа дека некои сакале распаѓање на соседната држава која би се поделила меѓу Бугарија и Албанија. Коѕијас кој во клучните моменти ја напушти владата на Ципрас пред своите сопартијци од Движење на идеи и активности Прато, испрати порака:

– Сакаме најблискиот наш сосед да е под влијание, под контрола на трети сили како што е Турција? Сакаме, како што сакаат некои, распаѓање на една држава на Балканот, да ја дестабилизираме и да се подели оваа земја меѓу Бугарија и Албанија? Или сакаме да имаме стабилност на Балканот, стабилност на границата, развој на влијанието на нашата земја во регионот и да можеме да правиме сојузништво?- кажа Коѕијас.

Говорејќи како лидер на Прато, Коѕијас најави дека сега било време за нови сојузништва, дека него и неговото движење, никој не можел да ги замолчи, а тој лично ниту уценувл ниту пак можел да биде уценет.

Од друга страна најголемата грчка опозициска партија Нова демократија и денес преку соопштение побара грчката влада да го објави писмото со оставката на Никос Коѕијас. Тие веќе некое време обвинуваат дека писмото со причините за оставката на министерот за надворешни работи  не се објавувало поради меѓусебни уцени на Ципрас, Коѕијас и Каменос.