Целосно спротиставени ставови на премиерот и на странците за „Рекет“

Наспроти пораките од странски претставници дека без решение за Рекет, нема одење напред кон ЕУ, и Заев како и други високи државни личности се обидуваат да го минимизираат случајот во кој според индикациите, постои веројатност за инволвирани функционери на СДСМ.

Најголемата македонска афера од случајот ТАТ, случајот Рекет според премиерот  нема да влијае врз добивањето на датум за почеток на преговорите за влез на Македонија во европското семејство.

Случајот Рекет што ја разбранува македонската, но и регионалната јавност, стана синоним за изгубената доверба кај огромен дел од граѓаните во СЈО и правосудството. А токму СЈО, реформите во судството, и борбата против корупцијата беа најважни услови на европската унија да ни даде зелено светло за почеток на преговорите.

Дека Рекет не бил бенчмарк за отпочнувањето на долго очекуваните преговори претходно истакна и шефот на државата, Стево Пендаровски, кој смета дека ако институциите си работат како што треба, овој случај нема да биде пречка.

На иста линија е и шефот на дипломатијата, Никола Димитров кој вели дека не може да каже оти „Рекет“ е бенчмарк или дека е услов, но и посочи дека не може политиката да се меша и да вели, како што рече, имате рок и до тогаш да заврши истрагата, да подигнете обвинение.

Иако Димитров вели дека не смее политиката да се меша и да сугерира до кога да се покрене обвинение, американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер во интервју за Гласот на Америка на српски јазик изјави дека без решение за истрагата за случајот „Рекет“ во кој е вмешана и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, може да се поткопаат изгледите на Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

-Ова се сериозни обвинувања и таквите сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ние поддржуваме целосна, темелна и транспарентна истрага на овие обвиненија и, ако има докази, и соодветно обвинение. Ова е навистина можност за властите во Северна Македонија да демонстрираат почитување на владеење на правото, вели Палмер.

Иако политичките актери од власта, убедуваат дека аферата нема да влијае врз отпочнувањето на преговорите,  сепак дел од домашните, но и странските аналитичари, но и медиуми во своите анализи ја оправдуваат резервираноста на дел од земјите членки на ЕУ кои се против проширување на Унијата. Германскиот весник Шпигл вели дека аферата ја довела Македонија во деликатна ситуација.

-Поради слабите реформи во владеењето на правото, незадоволството од владата на Заев расте однатре. Во однос на надворешната политика, земјата е под притисок, бидејќи почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ во јуни беше одложен, делумно поради резервираноста на Франција, Холандија и Германија поради недостигот од антикорупциски мерки и премногу колебливи судски реформи. Аферата „Рекет“ сега се чини дека ја потврдува резервираноста, пишува Шпигл.

Случајот Рекет се најде на насловните страници на европски весници каде беше посочен како еклатантен пример за корупција и уценување, целосно спротивен на задачата дадена од ЕУ до Македонија, борба против корупцијата и ефикасно судство.

Мери Ѓорѓиевска