Тројца полицајци и петмина цариници уапсени за шверц на дрога

Цариници и полицајци си терале бизнис со наркотици на големо. Скопскиот аеродром бил почетна точка за шверцот на пратки полни ефедрин кој цариниците им ги доставувале на полициски службеници. Вториве пратиките ги испорачувале до границата со Косово,а од таму ги преземале криминалци за продизводство на дрога. Акцијата на Обвинителството за организиран криминал почна во кумановската „Диво Насеље“, продолжи во Скопје и заврши со апсење на деветмина осомничени лица од кои тројца полицајци и петмина цариници. Сите беа спроведени до Кривичниот суд во Скопје на распит. Обвинителството ги товари со делата криумчарење и неовластено производство на трговија со дрога. Исто така бара сите осомничени да бидат затворени.

Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните- велат од Обвинителството.

Обвинителството ги надгледувало вработените во министерството за внатрешни и во министерството за финансии неколку месеци. Од органите на прогонот велат дека знаеле дека обвинетите шверцаат ефедрин, една од клучните состојки за производство на екстази.

Четворица од осомничените,  уште минатиот месец учествувале во шверц на дрога односно суровината за изработка на дрога до косовската граница која тогаш била заплената, велат од обвинителството. При денешната акција кај еден од приведените бил најден кокаин. Одбранта пак тврди дека не ги добиле потребните докази од институциите.

  • Мојот клиент конкретно е обвинет за кривично дело криумчарење, меѓутоа ниту од страна на Судот, ниту од страна на Обвинителството не добивме никакви докази конкрети, од кои можат да се утврдат основи на сомневање дека е сторено тоа кривично дело рече Зоран Величковски – адвокат.

Пратките со ефедрин, на кои замижувале цариниците на Аеродромот доаѓале од Блискиот исток, со авион,  каде поминувале без проблем иако товарот бил означен како црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед.  Од МВР утре ќе соопштеле детали околу акцијата а од Обвинитеството уверуваат дека истрагата продолжува.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста