Тричковски повторно го “умира” Мицкоски на фејсбук статус

Новинарот Бранко Тричковски повторно со нов невообичаен статус. “ Што ќе се случи ако Христијан Мицкоски умре” вака го започнува фејсбук обраќањето Тричковски. Дел од социјалните мрежи веќе реагираат дека ваквите постови се класично ширење на говор на омраза.

Погреб. Што ќе се случи ако од Ковид 19 (или 20, сеедно), умре Христијан Мицковски? Погреб! Брејкинг њуз на Алфа и Телма. Трогателно читање на телеграмите со сочувство од Заев, Груевски, Мане Јаковлевски, Митко Јанчев. Ненадоместлива загуба. Нека почива во мир. Во рајскиот свет без вонредни конгреси и оставки .На чист воздух. Без мафија. Македонија ќе влезе во Европската унија и ќе го оствари идеалот за кој тој го положи својот живот на олтарот на Татковината .Со се Гоце, да нема недорабирања. Христијан тоа го заслужува. Вечна му слава, стои во фејсбук статусот на Тричковски.

На ваквите пишувања веднаш реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, тој за ваквите статуси го обвини Заев.

Ах бре Заев, до тоа дереџе дојде работава да ми праќаш пораки преку неформалниот гласноговорник Тричковски. Покрај тоа што секој ден преку прескапо платените алатки се шират невистини, клевети кон мене, сега дури претскажуваат смрт. Ама тоа мене не само што не ме плаши, туку ме прави уште помотивиран да истраам со народот во заедничката борба и фактот дека сме на правиот пат на рушење на оваа мафија, напиша Христијан Мицкоски.

Побаравме одговор од МВР дали преземат нешто за пишувањата на Тричковски, но од таму не добивме конкретен одговор, само кратка информација која е процедурата.

Секторот за компјутерски криминал при МВР во координација со обвинителството постапува по случаите каде има говор на омраза или загрозување на безбедноста, велат од МВР.

И од обвинителството добивме кус одговор.

Обвинителството ги следи информациите и ќе постапи согласно своите надлежности доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, соопштуваат од ОЈО.

Ова не е прв пат новинарот да пишува вакви статуси на социјалните мрежи. Во април годинава тој исто така имаше слична објава на фејсбук во која се споменуваше прашањето што доколку Христијан Мицкоски умре. Тогаш од МВР до обвинителството поднесоа кривична пријава против Тричковски, но од тогаш до сега поминаа 6 месеци, а одговорот на обвинителството е дека предметот е во  предистражна постапка по поднесената кривична пријава и се преземаат дејствија за утврдување на фактите.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста