Tри години од несреќата во модуларната болница во Tетово каде живи изгореа 14 луѓе
Осми септември денот кој пред три години требаше да им донесе радост на сите граѓани во Македонија, ги зави во црно 14 семејства. Вечерта на овој ден во 2021 година, живи изгореа 14 лица во модуларната болница во Тетово.
Од нив 12 беа пациенти кои се лечеа од ковид. Македонските крим техничари утврдија дека пожарот бил последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел, на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова беше единствениот конкретен податок којшто укажуваше која била иницијалната каписла за избувнување на пожарот.
Но три години подоцна, кабелот се уште е единствениот виновник за трагедијата, а случајот и натаму е низ судските лавиринти. Револтот на семејствата чии блиски изгореа е огромен. Сметаат дека обвинителите се инволвирани во прикривање на делото и дека обвинителството е гнездо за организиран криминал, зло и олигархија.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ја собра документацијата, отвори постапка и толку, остана на тоа. Во судскиот процес кој се водеше во изминатите две години, обвинети беа екс директорот на тетовската болница Флорин Бесими како и поранешниот економски директор Артан Етеми. Но, и двајцата не се гонеа поради причината за пожарот, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар.
Следуваше жалба, која апелација ја прифати и се закажа ново судење кое почна во јуни, веднаш се прекина и се презакажа за 25 септември.
Но она што останува контроверзно е дали одговорноста треба да се бара и кај надлежните. И натаму е неразјаснето дали болницата била изградена според сите прописи и дали тендерската документација била изготвена за да се изгради безбедна модуларна болница.
Тогашниот министер за здравство и сегашен лидер на СДСМ Венко Филипче, тврди дека совеста му била чиста. Во интервју за Фокус тој вели дека во пандемијата трагедии се случувале секаде.
„За жал, трагедии во пандемијата се случуваа насекаде. Трагедии ќе имавме уште повеќе да не ги обезбедевме ковид-амбулантите, луѓето ќе умираа во чекалните или на паркинзите. Знам само дека мојата совест е чиста. Јас и мојот тим вложивме натчовечки напори да се спасат што поголем број луѓе, работевме дење и ноќе“, рече претседателот на СДСМ и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Вечерта на 8 септември во тетовската модуларна болница за ковид-пациенти се случи една од најголемите трагедии во историјата на македонското здравство. Неколку месеци подоцна извештај доставија и германските експерти кои што вршеа вештачење во странски лаборатории. Деталите од истрагата завршија во обвинителството чија истрага и натаму е матна за јавноста. Дилемата е дали повтореното судење ќе ја открие вистината за големата трагедија.
Љубиша Владимиров