Три доживотни казни затвор за „Монструм“: Монструозно и садистичко дело за судот, еден вид војна за блиските на осудените

Се работи за монструозно садистичко убивање, односно одземање живот и ликвидирање на деца, кажа претседателот на судечкиот совет, Огнен Ставрев.

Три доживотни казни затвор за случајот Монструм, по една 15 и девет годишна казна, е конечниот исход од повтореното судење за настаните кај Смилковско езеро. Пет од шесте обвинети беа прогласени за виновни за организирање, сторување и помагање тероризам. Највисоки казни  добија Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, кои се во бегство, како и Агим Исмаиловиќ. 15 години во затвор ќе помине Фејзи Азири, додека 9 Хаки Азири.

Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев кажа дека виновните се однесувале монструозно и садистички, убиле едвај полнолетни момчиња. Ја спомена и состојбата на семејствата по случувањата во Смилковци.

-Обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се огласуваат за виновни за сторено кривично дело тероризам по член 394 Б, став 1, во врска со член 22 од кривичниот законик, ги осудува на доживотна казна затвор, стои во пресудата.

Ослободен беше само Сами Љута. Од пресудата беше задоволна обвинителката Фатиме Фетаи, чии барања за притвор за сите првостепено обвинети беа прифатени.

-Како што и основано очекувавме како Обвинителство, сите обвинети за кои останавме на обвинение и за кои што предложивме да бидат казнети, од ваша страна се огласени виновни и на одредени по мене соодветни казни затвор, изјави Фетаи.

Од семејствата на обвинетите незадоволни од пресудата. Бедри Ајдари вели дека ова е почеток на еден вид војна и тие ќе се бореле со сите средства. Најави и протест за во петок.

-Затоа барам од политичките партии кои се патерици на Владата, кои го поддржуваат чинот и ова денеска што се направи, да се повлекуваат, да се дистанцираат од оваа одлука и да протестираат заедно со нас. Значи ние ќе протестираме во петок, со сите расположливи средства, ова е еден вид на објавување војна, но само се случи индиректно, без директни закани, изјави Ајдари.

Адвокатите на осудените најавија жалби за оваа пресуда, велат дека овие пресуди по порачка на Фатиме Фетаи, биле доказ дека Македонија е далеку од владеење на правото.

-Да потсетам во својот завршен збор јавните обвинители ги побараа токму овие казни, за обвинетиот Хаки Азири меѓу 9 и 10, за обвинетиот Фејзи Азири единствена 15 и три доживотни. Тоа докажува дека уште од почетокот на донесувањето на пресудата, па околу притвотор имаат договор за определба на притворот, изјави Асмир Алиспаиќ.

На 12 април 2012 година, на ден Велики четврток, беа убиени младите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски, како и 45 годишниот рибар Борче Стевковски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста