Три дена пред разговорите за Гоце Делчев, владата одобрила смена на член од македонскиот експертски тим
Три дена пред разговорите и за Гоце Делчев на македонско-бугарската комисија за историски прашања владата одобрила смена еден од членовите на македонскиот експертски тим. Од министерството за надворешни работи за Алфа објаснуваат дека членот Дарко Стојанов бил сменет на негово барање поради студиски престој во Австрија. Испразнетото место го пополнил Огнен Вангелов. Смената била одобрена на владина седница во вторникот, а историчарите во четвртокот и петокот дебатираа во клубот на пратеници.
“Согласно одлуката на Владата на Република Северна Македонија, од 13.10.2020, извршена е промена во составот на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, и тоа:
1) Дарко Стојанов, му престана мандатот, на негово барање, од лични прични, студиски престој во Австрија
2) на негово место е именуван д-р Огнен Вангелов”, велат од Министерството за надворешни работи.
На нашето прашање за тоа кој и по какви критериуми ги бира членовите на македонската комисија од Владата одговор дека предлогот според потребите го утврдува комисијата, а го одобрува владата.
“Предлогот за избор на нов член го врши самата Комисија, согласно нивните проценки за потребите во работата на Комисијата, по области и специфични теми и историски периоди или образовни проблематики. Предлогот на Комисијата за избор на нов член Владата на Северна Македонија, го разгледува и усвојува, за што последователно се донесува формална одлука и соодветно решение”, велат од Министерството за надворешни работи.
Сакавме да добиеме став и од Драги Ѓорѓиев претседател на македонскиот тим експерти. Но тој не одговараше на телефонските повици.
Инаку Огнен Вангелов е син на Атанас Вангелов, член на СДСМ. Тој во колумна за Плусинфо објаснува дека и неговиот син не бил по мерка на дел од медиумите кај источниот сосед. Бидејќи застапувал ставови слични на историчарите критизери на бугарскиот меморандум до ЕУ со кој се оспорува македонскиот јазик и нација.
Неодамна голема врева во јавноста и во Бугарија предизвика и колумната на историчарот Александар Литовски, член на македонскиот експертски тим. Текстот Гордост, слобода и вистина Литовски го објави по повод 75 годишнината од победата над фашизмот.
Македонско-бугарската комисија вчера не успеа да постигне напредок за клучното прашање за Гоце Делчев. Идентитетот на револуционерот остана главна пречка. Нова средба е најавена до крајот на годината.
Градимир Марковски