Трета доза за сите, без оглед на возраста

Од следна недела почнува ковид скринингот во училиштата. Ученици од сите основни и средни училишта во Македонија ќе бидат тестирани за коронавирус, со цел да се утврди дали постојат асимптоматски носители на вирусот меѓу децата и дали тој се пренесува во самите училишта. Скринингот ќе опфати околу 8.200 деца, кои ќе се тестираат по случаен избор, за што ќе се бара и писмено одобрение од родителите.

„Во промили се мери бројот на потврдени случаи на зараза меѓу децата, но многу е тешко да се утврди дали пренесувањето се случило во самото училиште. Не гледаме дека има зголемен број на заразени ученици. Целта на скринингот е да се открие дали има асимптоматски случаи. Со тоа ќе добиеме нови важни податоци за пренесувањето на вирусот во училиштата и за тоа како треба да се организира наставата“, кажа министерот за здравство Венко Филипче.

Во однос на вакцинацијата, здравствените власти најавија и нова препорака за трета доза вакцина –  бустер доза на Фајзер, сега ќе можат да ја примат сите граѓани без разлика на возраста.

„Препораката од Комитетот за имунизација е да освен повозрасните категории на граѓани над 60 години, трета доза на вакцина да добијат и било кои други граѓани без разлика на возраста и без разлика на тоа дали имаат или немаат други хронични болести, а се во значаен ризик заради зголемените контакти поради видот на работата и работното место и се со зголемен ризик да заболат од вирусот Ковид 19.”  – кажа министерот.

Докторите ги прекорија надлежните.Според нив, скринингот нема да даде реален резултат. Професорот Даниловски  вели за да се држи вирусот под контрола потребно е тестирање барем еднаш неделно и тоа на сите ученици во основното и средното образование.

„Онака како Грците што прават, редовно тестирање, минимум еднаш неделно, оптимално два пати на сите 240.000 ученици. Тоа е нешто што би имало ефект во епидемиолошка смисла. Ако тоа е невозможно, утешна варијанта или подобра од само скринирање на репрезентативен примерок би било само тестирањето на оние ученици коишто имаат симптоми, па да се разграничи кои се настинки кои се ковид случаи и да можат да се изолираат“, вели професорот Драган Даниловски.

И за аплицирањето на трета доза вакцина докторите не се согласни со здравствените власти.Според  проф. Даниловски бустер дозата на Фајзер се дава со прогрешен пристап.

„Мислам дека индивидуалниот пристап требаше да биде усвоен, секој што прележал или поминал две дози да се тестира и да се види колку му се антителата, особено оние кои се вакцинирани со овие помалку имуногените вакцини, ама ете се отиде вака шематски“, вели Даниловски.

Во однос на скринингот кај учениците – пристигнаа и првите реакции, родителите збунети и неинформирани прашуваат на кој начин, каде и каков ќе биде тој случаен избор за да бидат тестирани нивните деца.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста