Трет ден ЈО и МВР не кажуваат кој издал наредба за приведување на Камчев

Се погласни се сомнежите за начинот и постапката за приведувањето и лишувањето од слобода за бизнисменот Орце Камчев. Експертската јавност ја постави дилемата по чија наредба Камчев заврши во Шутка.

Од обвинителството пак велат дека заради сознанијата на АНБ дека Камчев подготвува бегство , МВР го лишило од слобода.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности до Основниот кривичен суд – Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена-велат од обвинителството.

Но она што е сомнително е зошто никој не кажува за кој предмет Камчев заврши со 30 дневен притвор.

Бизнисменот е приведен заради подготивка за наводно бегство, но од одбраната , барем како што велат не ја виделе белешката. Не се знае ни зошто Агенцијата за национална безбедност се интересира за случајот со Камчев, особено ако се знае дека закон предвидено, нивна должност е откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата и тоа: шпионажа, тероризам , насилен екстремизам и други дела насочени против државата.

Ред се редат нелогичностите за приведувањето на Камчев. Дамка врз овој случај фрла и самиот основ за негово притворување. Во полицијата ги измешале Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Наместо како причина да го наведат членот 165 од ЗКП, каде се запишани основите за определување притвор, наведен бил членот 165 од Кривичниот законик, кој е за изборна измама.  Токму ова го спомена и адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски, велејќи дека во полиција им кажале едно, во судот друго. Додека се чека да се одмота клопчето за како е приведен Камчев, по чија наредба, политичките партии имаат свои обвинувања. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ си ја ишкале мувата од капата овој случај.

Орце Камчев е во затвор затоа што парите од рекетот на Камчев се кај Зоран и Вице Заев. Токму ова го кажа и прво осудениот за рекет Бојан Јовановски.

Оттука Заев треба да одговори дали е точно дека во еден ресторан на периферијата од Скопје, заедно со министерот за внатрешни работи, една обвинителка и адвокат договарале заташкување на случајот рекет и замолкнување на можниот сведок Орце Камчев?

Дали е точно дека Заев јавно се заканувал со зборовите”нема да се стигне до парите-па макар и владата да падне”?-велат од партијата.

Од СДСМ пак наведуваат дека најголемата опозициска партија го бранела Камчев оти како што велат големи биле хипотеките на Мицкоски кон тајкунот на режимот Орце Камчев.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста