Транспаренси Интернешнл : Македонија падна за 13 места уште подолу во борбата со корупција

Македонија најлошо рангирана држава во регионот во индексот за прецепција на корупцијата, ова го покажува последниот извештај на Транспаренси Интернешнал. Ова е најлош резултат во последните три години каде Македонија е рангирана на 106 место од 180 држави, а во 2017 тата година сме биле на 93 место. Со ова Македонија бележи пад за 13 места. Од вкупно 100 можни поени, каде 0 поени значи највисок степен на корупција, а 100 најнизок, Македонија освои само 35 поени.

Дали случајот Рекет влијае за ваквата лоша перцепција за корупција во Македонија, Тасева вели дека и дека целата ситуација околу намалување на ефектите од работењето на СЈО и губењето на доверба сигурно има влијание, затоа што дел од тие резултати или анализи се правени во текот на 2019 година.

А дека Рекет има голем удел за Македонија да е најлоша во регионот, потврди и претседателката на Државната комисија за спречување на корупција.

„За жал ни се случи тешка и лоша работа минатата година, случајот „Рекет“ кој многу приоднесе да се влоши перцепцијата за корупцијата во нашата држава. Добро е што се работи на овој случај, а уште подобро ќе биде ако се сработи, па луѓето малку да ја променат перцепцијата, да ја зголемат довербата во институциите.  Негативни случаи имало и ќе има но работата е како тие ќе се решат и каква порака ќе се прати врз останатите чинители во општеството“, рече Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

И покрај лошите оценки од Трансапренси, лидерот на СДСМ  Зоран Заев, кој беше претседател на Владата токму за годината каде бележиме поразителни бројки за перцепција на корупција вели дека треба убаво да се разгледаат ставките од извештајот, оти сме имале подобрување на некои полиња.

По пет параметри, видете ја суштината ве повикувам, како е направена анализата, на два параметри сме подобрени, а за два параметри нема коментар за нас, едниот кој е негативен е за 2017тата година…верувам дека ќе има детални анализи и тоа ќе го објаснат….. Транспарентноста е зголемена во државата, борбата против корупцијата дава резултат…вели Зоран Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пак вели дека лошите бројки се резултат на не работењето на институциите и на она што никој не сноси одговорност за ваквите појави.

Во оваа држава криминалот си има сопствена држава. Проблемот е што одговорните што треба да се справат со тој криминал не сносат никаква одговорност. Нели постоеше „Сваровски судство“, постоеше режим како што они викаа, постоеше криминал ама во 2015-та Македонија на истата оваа скала е 66-та, 40 места повисоко пласирана, денеска кога имаме слобода нели животот дојде, на прав пат сме, се блеска, а денеска сме 106-ти на листата. Бројките се немилосрдни. Сме биле подобри од Бугарија, Грција, Албанија, Босна, Косово, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Инаку разултатите од истражувањето на организацијата се објавени само ден откако академското списание Економист објави дека  земјава е  дел од групата на држави во кои владее хибриден режим.  Во оваа категорија им правиме друштво на Албанија, Кенија, Непал, Пакистан. Македонија е рангирана на 77 место во светот според. индексот на демократија.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста