Трамп ја напушти Белата куќа, Вашингтон како тврдина за инаугурацијата на Бајден

Белата куќа подготвена да ги прими своите нови станари. Доналд Трамп заминува.Демократот Џо Бајден денеска ќе стане новиот американски претседател, а Камала Харис ќе биде првата жена потпретседателка на САД. Тие стапуваат на функциите на пладне, откако ќе положат заклетви. Церемонијата на инаугурација е видоизменета поради ковид пандемијата. Неколку дена пред церемонијата, особено денеска, центарот на Вашингтон е под силно обезбедување од страна на 25 илјади припадници на Националната гарда, а поставени се и огради со бодликава жица, поради стравот од можни закани и напади. Трамп неколку часа пред официјалното завршување на неговиот мандат ја напушти Белата куќа и замина на Флорида заедно со неговата сопруга. Во завршните зборови како претседател, Доналд Трамп вети дека „секогаш ќе се бори“ и и ’посака среќа на администрацијата на Бајден.

„Вие сте неверојатни луѓе. Ова е одлична,земја. Најголема чест и привилегија ми е што бев ваш претседател. Јас секогаш ќе се борам за вас. Ќе ве гледам. Ќе ве слушам и ќе ви кажам дека иднината на оваа земја никогаш не била подобра. На новата администрација и посакувам многу среќа и голем успех. Мислам дека ќе имаат голем успех. Тие имаат основа да направат нешто навистина спектакуларно.“ рече Трамп пред толпата од неговото семејство и вработените.

При збогувањето со стотиците поддржувачи кои ги пречекаа пред Белата куќа, неговата сопруга изјави:

„Да се биде прва дама беше мојата најголема чест. Ви благодарам за вашата љубов и вашата поддршка. Ќе бидете во моите мисли. – изјави Меланија Трамп.

Пред поаѓањето за Вашингтон, Џо Бајден имаше емотивна проштална изјава во која вети дека „секогаш ќе биде горд син на државата Делавер“.

“Во нашето семејство вредностите кои ги делиме, карактерот кон кој тежнееме, начинот на кој гледаме на светот – се доаѓа од дома. Се доаѓа од Делавер. Извинете на емоциите, но кога ќе умрам на моето срце ќе пишува Делавер. Знам дека времињата се мрачни, но секогаш има светлина.” – кажа Џо Бајден.

Трамп одлучи да не присуствува на инаугурацијата на Бајден, како што беше традиција изминатите години.  Последен пат, ваков случај имало во 1869 година.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста