Трамп го посети Капитол Хил за прв пат по немирите на 6 јануари
Во кампањата за втор мандат, Доналд Трамп постави прашање до најголемото американско лоби за оружје за тоа дали би можел да добие трет мандат, повикувајќи се на четирите мандати на претседателот Френклин Рузвелт, кој почина додека беше на функција во 1945 година.
„Рузвелт, 16 години. Скоро 16 години – тој имаше четири мандати. Не знам, дали ќе освоиме три или два мандати, кажете ми вие? (толпата извикува „три!“). Рони, што мислиш? („три!“), рече Трамп.
Конгресот во 1947 година го одобри 22-от амандман на Уставот, ограничувајќи ги претседателите на само два – четиригодишни мандати. Тоа стана закон во 1951 година, откако амандманот беше ратификуван од неопходните 36 од тогашните 48 држави.
„Амандманот навистина го кодифицира она што долго време беше политичка норма да нема кандидатури повеќе од два мандата“, вели Правен Фернандес.
Фернандес кој е потпретседател на Центарот за уставна одговорност, објаснува дека традицијата на два мандата датира од првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, кој ги игнорирал постојаните молби да се кандидира за трет мандат.
Со почетокот на Втората светска војна, Френклин Рузвелт ја прекина таа традиција во 1940 година и го освои четвртиот мандат и во 1944 година.
Од 22-от амандман, шест претседатели служеле два целосни мандати – последниот беше Барак Обама.
Истакнатиот поддржувач на претседателот Џо Бајден, актерот Роберт де Ниро го нарече Трамп како тиранин кој сака да биде доживотен претседател.
„Ако стане претседател, можам да ви кажам веднаш, тој никогаш нема да си замине. Тој никогаш нема да замине. Го знаете тоа. Тој никогаш нема да замине“, вели актерот Роберт де Ниро.
„Сакам да бидам диктатор само на еден ден!“, рече Трамп.
Ваквите изјави на Трамп во овој изборен циклус доаѓаат откако тој се соочува со кривична пријава за обид за поништување на изборните резултати во 2020 година. Тоа може да предвидува идна намера, според уставниот адвокат Фернандес.
„Коментарите што Доналд Трамп неодамна ги даде за трет мандат – што секако не одговара на Уставот– се уште една причина да се има загриженост за некој кој не се чувствува ограничен од јасниот текст на нашите закони”, додава Фернандес.
За Трамп легално е да се продолжи со трет мандат, 22-от амандман ќе треба да биде укинат. А за тоа би биле потребни две третини гласови во двата дома на Конгресот и потоа ратификација од најмалку 38 од 50 држави. Или 34 држави би можеле да свикаат Уставна конвенција, а секоја акција што ќе ја одобрат ќе треба да биде ратификувана од 38 држави.
Само еднаш во американската историја е укинат уставен амандман.
21-от амандман, ратификуван во 1933 година, го поништи непопуларниот 18-ти амандман, кој во 1919 година ги забрануваше алкохолните пијалоци.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон