Трамп го помилува својот долгогодишен советник кој лажеше пред Конгресот
Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува својот долгогодишен пријател и советник Роџер Стоун поштедувајќи го од затворската казна на која беше осуден бидејќи пред Конгресот лажеше под заклетва за време на истрагата за руската вмешаност во американските избори во 2016 година.
„Роџер Стоун претрпе многу“, соопшти Белата куќа. „Кон него беа многу нечесни, токму како и кон многумина во овој случај. Роџер Стоун сега е слободен човек“, објави Белата куќа.
Шеесет и седумгодишниот Стоун требаше во вторник да се јави во сојузниот затвор Џесап на отслужување на затворската казна од три години и четири месеци на кој беше осуден поради лажење под заклетва пред пратениците во Конгресот кои ја истражуваа руската вмешаност во американските избори во 2016 година.
Стоун е помилуван, но не доби целосно простување и пресудата не му е избришана.
Ветеранот на Републиканската партија со децении е пријател на Трамп. Беше еден од неколкумината негови соработници обвинети во истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за вмешаноста на Русија во изборната трка за да се ослаби позицијата на Трамп.
Во соопштението за одлуката за помилување на Стоун Белата куќа ја нападна истрагата на Малер и истражителите кои ја отворија постапката против Стоун. Белата куќа соопшти дека Стоун „е жртва на измамата која левичарите и нивните сојузници во медиумите со години ја спроведуваа обидувајќи се да ја поткопаат Трамповата претседателска позиција“.
„Никогаш немало никаква соработка меѓу Трамповата кампања, или Трамповата администрација, со Русија“, се истакнува во соопштението во кое се додава дека тоа била „само фантазија на оние кои не можеле да го прифатат резултатот од изборите во 2016“.
Трамповата одлука да му ја укине казната на Стоун е неговата најсилна интервенција со која заштитил соработник во кривична постапка и уште еден случај на користење на овластувањата во корист на сојузниците.
Демократските пратеници во Конгресот и другите критичари го обвинија Трамп дека го нарушува владеењето на правото јавно изнесувајќи жалби на кривичните постапки против соработниците, вклучувајќи ги Стоун, поранешниот советник на Белата куќа за национална безбедност Мајкл Флин и поранешниот шеф на кампањата Пол Манафорт.
На судењето во Вашингтон во ноември 2019 поротата го прогласи Стоун за виновен по сите седум точки на обвинението за попречување на истрагата на Конгресот, пет точки на обвинението за лажен исказ во Конгресот и за влијание врз сведоци.
Стоун беше осуден бидејќи одборот на Претставничкиот дом го лажел за своите обиди да го контактира Викиликс, интернет сајтот кој објави мејлови штетни за соперничката на Трамп во кампањата во 2016 Хилари Клинтон, за кои американските разузнавачки служби заклучија дека ги украле руски хакери.
Американскиот устав му дава на претседателот „овластувања да додели помилување или целосно простување за прекршоци против САД, освен во случај на отповикување“. Трамп ова овластување често го користи за своите соработници и политичари.