Трајковски: Пикот на пандемијата од британскиот сој ќе се случи кон средината на март

Дури 92 проценти од населението во Македонија ќе треба да се вакцинираат за да се обезбеди сигурна заштита од корона вирусот, смета професорот од Техничкиот факултет Дејан Трајковски кој уште од стартот на пандемијата со своите дијаграми точно го процени движењето на кривата во земјава. Тој вели оти во најоптимистичкото сценарио вакцина треба да примат 62 отсто од граѓаните, но со британскиот сој, кој забрзано се шири, таа стапка ќе порасне.

„Што значи дека практично е невозможно со доброволна вакцинација дури и на целокупното возрасно население истата да се постигне. Така што претпоставувам дека во иднина после вакцинирањето на некои 50 проценти од населението остатокот ќе прележува и така со текот на 2 до 3 години ќе дојдеме до некој колективен имунитет“, вели Дејан Трајковски, универзитетски професор од Битола.

Добрите прогнози за намалување на бројките од пред две недели спласнаа со појавата на новиот сој, вели Трајковски и додава дека притисокот врз болниците допрва ќе се зголемува.

„За жал ние влегуваме во четвртиот бран со 600 хоспитализирани лица во болниците и ќе бидеме најверојатно соочени со нов голем притисок врз болниците. Инаку според податоците на ИЈЗ врз основа на 639 тестирања кај 54 беше установено присуство на новиот сој, засега бројките од новиот сој се мерат во десетици меѓутоа во наредните недели ќе почнат да се мерат и со стотици“, додева Трајковски.

Продолженото работно време на угостителите, а без заострени мерки ќе донесе нов пик на корона вирусот кон средината на следниот месец, смета професорот.

„Ние немаме никаква практично стратегија, еве го слушнавме и министерот како кажа дека се уште нема индикации за било какво заострување на мерките. Навистина според сегашните бројки тие не се големи, меѓутоа тоа што се денеска мали не значи дека утре нема да пораснат“, вели професорот Трајковски.

Западните земји, како Велика Британија и Германија преку строги рестрикции и вакцинација го сузбиваат вирусот, но кај нас, вели Трајковски, текот на пандемијата е оставена на совеста на граѓаните.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста