Трајковски: До изборите ќе имаме осум илјади заболени, го надминавме италијанското сценарио

Универзитетскиот професор д-р Дејан Трајковски, кој со математички модели изготвува статистички анализи од почетокот на пандемијата, во Македонија очекува црни сценарија. Дека неговите анализи се релевантни, потврдија и неговите прогнози дека првиот пик ќе се случи на Велигден и дека на 25 мај ќе имаме над 2. 000 заболени. Денеска, екипата на АЛФА отиде во Преспа, каде што Трајковски престојува во викенди исполнувајќи ја својата страст кон кајакот. Неговите анализи велат дека за три недели, бројот на новозаразени ќе се дуплира.

  • Динамиката е страотна. Заклучно со вчерашниот ден видовме бројот на денови потребен за дуплирање, од 45 падна на 21. Значи, за 21 ден го дуплиравме бројот на заразени од 2.000 на 4.000. Кога таа динамика би се задржала, тоа со сигурност никој не може да го каже, но со таа динамика ние би достигнале 8.000 заболени- рече професорот Трајковски.

За да се спречи нагорниот тренд, бидејќи базичниот репродукционен број е 1, 3, мораат да бидат преземени ригорозни мерки.

  •  На лута рана лут лек. Веќе помина време на убедување и сега не помагаат казнувања, ниту молитви. Дојде време за драстично ограничување на контактите меѓу луѓето. Значи, сериозен полициски час, нешто како Кина или Италија од нивните најлоши денови, зашто сега мораме да го гасиме пожарот- вели битолскиот професор.

Според бројките,  во Македонија сега веќе е надминато и италијанското сценарио.

  • Италијанските 5,5 илјади просечно заразени, одговараат на 129 случаи во Македонија. Ние последниве денови имаме над 160 во просек заразени дневно, со тенденција за понатамошен раст. Тоа значи дека, што се однесува до динамиката на новозаразените, веќе ја заминавме Италија. Со временска задршка од 20 дена, ќе започнат и првите умирачки. Вчерашните 200 новозаболени, по 18, 5 дена колку што е просечното времетраење од првите симптоми до смртта, се пресликуваат во најмлаку 40 починати, а тоа е за 50% повеќе од италијанскиот број- рече Трајковски.

Инаку, според изработениот егзактен модел на битолскиот професор, просечната смртност од почетокот на пандемијата, кај нас е 9, 5 отсто наспроти 90, 5 проценти на излечени. Меѓутоа, минатата недела кога репродукциониот број достигна 2,5, смртноста изнесуваше 31 процент.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста