Трајче Заев се огласи од Обединетите Арапски Емирати: Не бил уапсен вработен од нивните фирми, премолчи за возачот

Братучедот на премиерот Заев се самоамнесртира од скандалот со запленетата дрога вредна 800.000 евра…Два дена по молкот на институциите и информациите во јавноста дека во акцијата на Плетвар е уаспен возачот на Трајче Заев, а во скандалот е поврзана и фирма на неговото семејство, МВР молчи, но затоа стигна демант од Обединетите Арапски Емирати.

Во порака на фејсбук, Трајче Заев реагира дека два дена по ред следел како еден политички субјект, исклучиво заради сопствени политички цели, се обидувал да го извалка неговото име и името на компаниите во сопственост на Заеви. Трајче Заев тврди дека комбето со грчки регистарски таблички не било сопственост на ниту една од фирмите на неговото семејство, но нема одговор дали е сопственост на фирма која соработувала со Заеви. Вели и дека никој од вработените во компаниите на Заеви не бил уапсен во оваа акција.

-За да биде јасно на целата македонска јавност, а посебно да се знае за злонамерната цел на политичката партија вмро дпмне сакам да го објавам следното: Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви, пишува Трајче Заев на Фејсбук.

Освен иницијалите, МВР засега не открива детали за идентитетот на уапсените. Но јасно е дека меѓу нив се двајца блиски на власта. Едниот, началник на полицијата во Прилеп, а вториот, кој директно ги компромитира Заеви, е возачот на Трајче Заев. Братучедот на премиерот демантира дека вработен во нивните фирми е меѓу уапсените, но дали станува збор за лицето кој го вози и кој не мора да биде вбработен во некоја од нивните фирми, засега е нејасно.

Од она што го откри МВР при претрес во станови на лицето А.У. за кого се тврди дека е Александар Ушилковски, возач на Трајче Заев, во Скопје и Битола била пронајдена поголема количина на пари и оружје.

При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели, изјави вчера портпаролката на МВР, Снежана Прањиќ Талевска.

Опозицијата повторно прашуваат дали дрогата била превезувана во комбе на фирма која има партнерски односи со компанија на семејството Заеви.

-Дрогата доаѓала директно од фирмата “Медикал 420” од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот според наши информации фалеле над 10.000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла замислете колкава е таа бројка, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Аросвски.

На шестмината осомничени за овој случај во меѓувреме им е определена мерка притвор. Марихуаната била спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Инаку, Трајче Заев потенцира дека е на службено во Обединетите Арапски Емирати од 23 март. Целта било проширување на нивните компании, отворање нови пазари за македонските производи и стекнување на нови партнери за соработка. Оваа дестинација последниов период како да стана омилена на функционери од власта. На одмор таму беше Љупчо Николоски, а неодамна во службена посета и министерот Бујар Османи.  

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста