Трајановски: Зголемена фреквенција на возила кои транзитирале на патарините

При посетата на Оперативниот центар во Петровец директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски беше информиран дека продолжува трендот на зголемување на приходите по основ на наплата на патарини. Во август годинава наплатени се 7.804.840,оо евра (седум милиони осумстотини и четири илјади осумстотини и читириест евра) што претставува рекордна месечна наплата. Споредено со истиот месец минатата година наплатени се 241.329 евра повеќе.

Инаку, Оперативниот центар во Петровец претставува една мултифункционална целина преку која се мониторира работењето на сите наплатни станици и сите активности поврзани со наплатата на патарина.

За негово успешно функционирање потребно беше да се направи доекипирање во делот на контролата и во делот на електронската наплата затоа што имаше недостаток на кадар во таканаречениот Контролен центар кој 24/7 ја следи состојбата на наплатните станици во живо, преку лајв стрим, а во исто време се прави и контрола на работењето преку системот за видео надзор со прегледување на снимен видео материјал. Директорот Трајановски во VideoWall просторијата поразговара со вработените при што побара поголема професионалност и посветеност во работата. Исто така, можеше и лично да се увери како преку софистицирани софтверски програми се контролира и работењето на секој вработен оператор-инкасант во наплатните кабини, како се следи сообраќајот на самите наплатни ленти, како се детектира секој проблем во и околу наплатните станици. Во WideoWall просторијата се надгледуваат и влезот, излезот и состојбата на тунелите кај Демир Капија-Смоквица.

Директорот на ЈПДП Коце Трајановски оствари средба и со одговорните на наплатните станици кои го запознаа со секојдневните проблеми со кои се соочуваат и од кои очекува, исто така максимална посветеност и професионалност во извршувањето на работата. Побара и поголема ангажираност од страна на стручните служби и преземање на поактивни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, како и процесирање на избегнувањето плаќање преку соодветно фактурирање и достава на Фактури за ненаплатена патарина до корисниците на автопатски услуги кои не плаќаат патарина. Имено, од страна на контролорите во Контролниот центар евидентирани се над 500.000 возила кои поминале на наплатните станици без да извршат плаќање. За таа цел, во план е организирање и на контроли на отворен пат во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај.

Инаку, од почеток на годинава, за периодот Јануари-Август 2024, остварен е вкупен промет од наплата на патарина, надополнување, продажба на уреди и наплата од поминувања од Опен Балкан во висина од 45.079.748,оо евра (четириесет и пет милиони седумдесет и девет илјади седумстотини четириест и осум евра).

Од почетокот на електронската наплата, пак, од 03.07.2019 до 01.09.2024 година, продадени се 33.620 Мтаг уреди и 195.825 МСмарт картички, или вкупно 229.455 електронски уреди. Целта на ЈПДП е стимулирање и зголемување на процентот на наплата со електронски уреди за побрз и побезбеден проток на сообраќајот на наплатните станици.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста