Трагедија во Трубарево – детенце и возач на мотор прегазени

Дете на 10 годишна возраст и 40 годишен човек ги загубија своите животи во тешка сообраќајна несреќа во с.Трубарево. На регионалниот пат кој ги поврзува Катланово и Маџари, 72 годишен граѓанин, кој според локалните жители бил под дејство на алкохол, прво го прегазил мотоциклистот кој загинал на лице место, удрил во автобуската постојка а потоас и во бандера, по што го прегазил детето кое се движело по тротоар. Страв и паника кај жителите и очевидците кои присуствувале на овој грозоморен настан.

„Кога излегов надвор, глетката беше фатална, детенце лежеше на земја, крваво беше целото, имаше срчи околу него. Сите сограѓани потрчаа кон него да помогнат“ – објаснува Дани Јовановска, жител на с.Трубарево.

Возачот на автомобилот и детето биле пренесени на ургентниот центар. Детето – без никакви знаци на живот. Во болницата бил направен обид за реанимација, но залудно – згасна млад живот поради несовесно и брзо возење.

Ова не е прв случај да се губат животи на тоа место. Каубојски или пат на смртта – вака жителите го опишуваат патот по кој често луѓето возат над дозволената брзина. Живеат во страв, најмногу поради нивните деца. Во непосредна близина има и основно училиште, но ретко каде може да се забележи пешачки премин. Граѓаните неколку пати алармирале да се интервенира но попусто

„Сега во брзо време разговарав со некои од надлежните, кои мислам дека можат да помогнат, ми кажаа дека повеќе пати реагирале граѓаните. Ќе се барало начин да се интервенира“ – додава Јовановска.

Локалните жители за вторник најавија протест за да ја подигнат јавната свест но и свеста на надлежните институции кои треба да стават крај на ова, како што велат тие, сообраќајно лудило. Од полицијата само го потврдија трагичниот настан но без детали за него.

Адријана Алексиеска

Поврзани вести