Тошковски на средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ахмед Насер Ал-Раиси
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски работната посета на министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати ја искористи за средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси.
На средбата се разговараше за поефикасно користење на базите на податоци на ИНТЕРПОЛ со цел поефикасна борба со транснационалниот криминал во сите негови облици, поддршка на прекуграничните заеднички истраги и континуираност на обуките.
„Со претседателот Раиси се сложивме дека заедничка е одговорноста за сериозен пристап во полициското делување и подготвеноста за справување со сите идни предизвици. Изминатите 30 години, преку членство во најголемата светска полициска организација, се сведоштво на нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка и борба против криминалот и корупцијата“, потенцираше министерот Тошковски.