Тони Михајловски обвинет за фб закана кон Тричковски

Актерот Тони Михајловски може да се соочи со казна затвор од 5 години или потешка казна, откако Скопското обвинителство покрена обвинение против него за статус објавен на 16 јуни лани кој гласи: „Би можел да го убијам Бранко Тричковски и око нема да ми трепне“. Во соопштението од Обвинителство наведуваат дека Михајловски преку коментари на социјалните мрежи го навредувал Тричковски, со што му ја загрозувал сигурноста.

„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“, соопштија од Обвинителството.

Михајловски кој е и првенец на Македонскиот народен театар не е достапен за коментар, но во статус на социјалните мрежи пишува дека јасно му било дека ќе се случи ова, бидејќи било најавено и на насловна страна на еден печатен медиум, но вели животот е тркало.

„Ко што рече Ѓеро на насловна ‘Премиерно ќе го крка Тони Шанац’. Но, животот е тркало. Час си горе, час долу. Тоа што ме има во вашите црни тефтери за отстрел, што ги спомнуваше великиот режисер, само ми е доказ дека треба да продолжам како и до сега“, напиша Михајловски на „Фејсбук“.

Но додека Обвинителство отвора предмети за како што наведуваат загрозување на сигурноста на Тричковски, сепак остана глуво за неговите навреди, повици за насилство, убивање и силување. Пред неколку мсеци Тричковски повикуваше на ликвидација и на претседателот Иванов… Последен во низата беше статусот насловен како Монструм, кој се однесуваше и на детето на екс министерката Јанкуловска… Досега, Тричковски во повеќе наврати повикуваше на атентат на екс-премиерот Никола Груевски, на убиства на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, бараше граѓанска војна, а ги навредуваше и полицајците кои загинаа за време на случувањата во кумановско Диво Насеље.

Ивана Соколовиќ Најдова