„ТНТ“ се враќа во судница- ќе се почитува ли законот?

10 работни денови, 10 закажани рочишта за ТНТ во наредните две недели. Очигледно Кривичниот суд сака да протурка противзаконска пресуда за овој случај, бидејќи мандатот на судијата поротник е истечен и според законот случајот треба да биде вратен на судење од почеток, смета одбраната. Адвокатот на обвинетиот Миле Јанакиески, Еленко Миланов за Алфа вели се надева ќе надвладее разумот и судењето ќе биде вратено од почеток, бидејќи во вакви услови никако не може да продолжи во моменталниот состав на судечкиот совет.

-Јас верувам дека ќе надвладее разумот. Не може да стане збор за ефикасно судство ако се знае однапред дека пресудата се носи со таков недостаток поради кој што би морала да биде укината. А, се надевам дека и Судскиот совет ќе се одважи и ќе го разреши ова со едно свое соопштение, со кое што ќе укаже и на претседателот на Основниот кривичен суд и на судечкиот совет дека со таков судија поротник со истечен мандат не може да продолжи постапка, вели Миланов за Алфа.

Како стојат работите во моментов, Кривичниот суд изгледа е спремен и покрај законската пречка да донесе пресуда за обвинетите во ТНТ. Миланов вели пресудата ќе падне на повисоките судови, потенцирајќи не дека не сака да верува дека политиката има вмешано прсти во овој случај.

-Нас единствено законско средство ни е жалбата, да ја оспориме, и по таа жалба би морала да падне пресудата поради суштествена повреда. Но, навистина не разбирам која ефикасност би барале ако се носи пресуда за која се знае дека каква и да е нејзината одлука ќе мора да падне. Не сакам да верувам дека политиката има влијание во судството и дека сето тоа е од некои други цели, вели Миланов.

Апел до Судскиот совет да се почитува законот упати и адвокатот Мерџан Даути. Вели молкот во моментов е најлоша опција, порачувајќи дека мора да се донесе законска одлука.

-Почитувани членови на Судски совет, во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото. Молкот е најлоша опција. Премолчувањето на незаконските постапки и вас директно ве прави сооучесници во истите. Донесете било каква Одлука но не молчете! Не секогаш молчењето е злато, во овој случај молчењето е одобрување на незаконско работење, порача Даути.

Во обид да се дојде до пресуда за случајот ТНТ, во текот на декември откажани беа сите судења каде судијата поротник Лидија Ивановска- Кочковска, а меѓу нив и судењето за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Во периодот од 13 до 27 јануари, за ТНТ се закажани судења секој ден.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста