Тим ревизори ќе ги чешла надоместоците на СЈО

Од 1 февруари тим од тројца ревизори ќе влезат во СЈО. Под лупа ќе бидат огромните скандалозни додатоци кои обвинителите си ги делеле за нивната работа. Првиот човек на Државниот завод за ревизија истакна дека првично требале да започнат со оваа активност во март, но заради интересот на јавноста ќе ги чешлаат документите порано.

 „Почнуваме со работа од 1 февруари. Направивме неколку координативни состаноци со претставници на Јавното обвинителство за преземање на целокупната документација. Се работи за документација што има одредена ознака на ‘класифицирани информации’ и мора да се создадат услови за нивно соодветно чување во нашите простории. Утврден е ревизорскиот тим и ставен е во годишната програма за работа и по завршување на ревизијата ќе бидете соодветно известени“, рече Максим Ацевски, главниот државен ревизор.

Иако за работењето на СЈО се крена прашина, но и нагло падна довербата во институцијата, сепак ревизорите нема да го проверуваат целокупоното работење на веќе згаснатото обвинителство, туку ќе се фатат само за надоместоците.

„Барањето на Јавното обвинителство е конкретно – бараше да се изврши ревизија на сите надоместоци кои се исплатени на вработените во СЈО и на нивните соработници. Почитувајќи го нивното барање ние постапивме и затоа тоа ќе биде дел на ревизија“,вели Ацевски.

Аферата за мегаломанските надоместоци кои специјалните обвинители си ги делеле ја разбранува јавноста, посебно откако се објавија и сумите на пари кои тие ги земале. Прва на листата, односно најголеми бонуси земала поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата кој отпрлика била нешто над 3.500 евра месечно.

По Јанева најмногу се „офајдила“ обвинителката Елизабета Јосифоска. Освен редовната плата, таа земала дури 107 илјади евра дополнителни пари како надоместоци.

На листата е обвинителката Лиле Стефанова. Освен редовната плата, таа земала дури 94 илјади евра бонуси од СЈО. Фатиме Фетаи заработила над 87 илјади евра за 4 години, слични суми на име бонуси добиле и обвинителите Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски, од 86.234 евра, односно 85 илјади евра.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста