Тиквешките лозари со десетина барања до министерот Хоџа, нивното неисполнување ќе значи – масовни протести

     Тиквешките лозари своето незадоволство од завчерашниот договор помеѓу винариите и министерот Хоџа, а во врска со понудените откупни цени на грозјето, денеска го решаваа на засебна средба со министерот. Тие имаат десетина барања. Освен веќе добро познатите барања дека грозјето мора да има некоја загарантирана цена која за „вранецот“ не смее да падне под 15 денари, а додека за „смедеревката“ под 13, тие исто така бараат да се официјализира и шеќерноста, но и да се зголеми субвенционирањето од сегашните 2 на 3 денари за килограм откупено грозје.

  „Реална цена за килограм грозје е 18 денари за „вранецот“ и 16 денари за „смедервката“….Давање субвенција од државата 3 денари за продаден килограм грозје за сите вински сорти и извезено во гајба…Откуп на целото винско грозје: „вранец“ со почетна шеќерност од 18 проценти и „смедеревка“ со почетна шеќерност од 16 проценти и бараме заштитна цена од државата со закон, да се озакони за да не можат винариите да купуваат пониско од таа цена што ќе ја договориме помеѓу винари, лозари и државата“ – вели Дано Јошев, претседател на Регионалното здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ од Кавадарци.

    Заради наталожените, повеќегодишни бројни проблеми со кои се соочуваат лозарите, тие листата на своите барања, овој пат ја продолжија и со други барања, притоа инсистирајќи на нивно ургентно и задолжително решавање.

  „Бараме од Инспекторатот да има присуство на сите откупни пунктови, да има широ-мери и да даваат извештај до минсистерот која количина е откупена и од која сорта, бидејќи со „вранецот“ ќе „играат“ нешто…помалку откупуваат. Прогласување од Владата на елементарна непогода – суша….и негрижата од државата за наводнување на земјодлеските површини. Поправка на каналите од Водостопанство, носење на вода во сушните реони и преземање на Водостопанството под општините и намалување на водниот надоместок за високата зона од 1.860 за декар на 1.000 денари“, ни изјави Јошев.

   Освен ова, лозарите бараат и доплата од државата од уште 4 денари за лани откупените близу 2 милиони килограми грозје, бидејќи биле откупени по катастрофално ниски цени.

  Лозарите велат дека доколку ресорниот министер и Владата и овој пат се оглушат на сите овие нивни барања, тие, заедно со сите други земјодлеци од земјава, од сите земјодлески гранки, ќе излезат на масовни протести со блокади на патиштата и пред Владата.    

  Каролина Дурло