„Тик – ток“ забава со трагичен крај – популарната апликација зема уште еден детски живот

10 годишно дете од Србија жртва на „Блекаут“ предизвикот на социјалната мрежа тик-ток. Девојче во Италија смртно настрада во играта „гушење“, а слична несреќа доживеа и 9 годишно момче од Тринидад и Тобаго. Стотици опасни предизвици кружат на оваа социјална мрежа – најмладите учествуваат во опасни задачи кои можат да имаат фатални последици. Последните случувања најсилно го вклучија алармот за она што се случува на интернет.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, на оваа игра можат да и се препишат најмалку 82 смртни случаи од кои најголем процент малолетници.

Таканаречениот „блекаут челинџ“  однесе неколку жртви. Корисниците на тик ток меѓусебно се предизвикуваат да се гушат се додека не останат без свест, со цел да го предизвикаат истото чувство кое човек го доживува непосредно пред смртта. Овој предизвик постоеше и порано а се појавуваше под различни имиња како: предизвик на онесвестување, игра на гушење, или брзо сонување. Смртен исход доби предизвикот на момчето во Раковица, Белград кое се обесило за кревет на спрат играјќи ја оваа игра додека родителите не биле во нивниот дом.

По трагичниот настан во Италија, судот покрена истрага за смртта на девојчето кое беше пронајдено во тоалет, со појас околу врат и истиот врзан за радијаторот. Италјанските власти одлучија да ја блокираат тик-ток мрежата за сите тамошни корисници.

На оваа социјална мрежа се изведуваат различни предизвици кои честопати водат кон повреди, скршеници и трајни последици врз здравјето на децата. Психолозите предупредуваат да се посвети повеќе вниманите на активностите на децата – социјалните мрежи ги охрабруваат да бидат својот најлош непријател само поради популарност.

Тик ток апликацијата во сопственост на кинеска компанија  е многу популарна меѓу тинејџерите.  Само во Европа брои над 100 милиони корисници. По грозоморните настани од компанијата реагираа дека сигурноста на корисниците е нивниот главен приоритет и се спремни во секој момент да соработуваат во врска со истрагите.

Кај нас оваа апликација најчесто се користи за демонстрирање моќ при бесно и опасно возење автомобили, пукање со огнено оружје што исто така е опасно и загрижувачки, но засега за среќа без посериозни последици.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста