Тетовското кале го живее најлошиот период – Археолошкото наоѓалиште целосно запуштено

Сведок на историјата, но, и на негрижата на институциите. Руинирано,запуштено, полно со смет и измет од диви животни-тетовското Кале, никогаш не изгледало толку жално и занемарено.Ниту чистота,ниту било каква инфраструктура и осветлување.

Тетовското Кале повеќе никој не сака да го посетува.Наместо туристи,последниве години,овде гледаме само запуштеност и смет.

Калето е идеално место за секојдневно движење и рекреација,но,тука многу ретко да се види некој посетител.Зија Јонузоски е искусен планинар и често го посетува местово.Жали што го гледа во ваква состојба, но,вели, пари има,ама не и волја да се реставрира и оживее.

Пари има сигурно, особено странски фондации за вакви објекти.Од моите патувања во странство знам,дека за вакви места има многу фондови од западно европските земји,без каматни, но треба само добри проекти и најважно, да има волја за да се направи.Во нашава држава за жал, овие стари места, објекти, не само тетовското Кале, се запуштени за жал-рече ЗИЈА ЈОНУЗОСКИ – Планинар.

Институциите си ја префрлаат одговорноста за Калето,но и признаваат дека никогаш нема доволно средства.На пример, од Конзерваторскиот центар за 2019 година биле издвоени околу 1 милион денари, лани пак,само околу 300 илјади,со кои требаше да се средуваат ѕидовите. Ова значајно археолошко наоѓалиште се наоѓа на само неколку км од градот.Со малку волја кај наделжните да се зачува и негува историјата, местото може да ги врати туристите како некогаш, а не да биде оставено на забот на времето.

Милена Вучевска