Никој не гарантира дека медицинскиот кадар кој помага низ болниците на крајот ќе остане вработен

Распукува ли по сите рабови, и онака слабо-функционалниот здравствен систем во земјава ?! Во време кога активниот медицински кадар, освен што е малуброен и преморен, а добар дел е и заразен и секојдневно се повеќе го крева својот глас, директорот на прилепската Болница, дециден е во ставот дека здравствените работници кои сега се земаат на примпомош, воопшто не требало да се надеваат на трајни вработувања.

    „Мора да бидат лицата запознаени дека ангажирањето не е за трајно вработување, дека е привремено додека трае оваа потреба зголемена од број на персонал. Тоа морам да го кажам јавно за сите да го знаат“, – вели д-р Драган Богоески, директор на прилепската Општа болница.

      Ваквиот став ги револтира неангажираните медицински лица, па тие тешко се одлучуваат да се пријават, бидејќи добар дел од нив и претходно со години волонтирале во Болницата. Ама, ова ги лути и граѓаните кои пак, реагираат на социјалните мрежи.

     „Јас не верувам дека нема медицински сестри во државава. Само не ви идат, ги изморивте од волонтирање за без пари…Ај, од прва дајте им решение, додаток за работа во ризик…Не идат, оти знаат кога ќе заврши Ководов, ќе им ги мавнете клоците..Вработувајте медицински лица…подобро две сестри на еден пациент, отколку двајца административци на еден документ…“ – пишуваат граѓаните.     

        Извесна медицинска сестра пак, на социјалните мрежи се жала дека нејзината апликација со недели никој не ја разгледал, иако била со искуство, притоа јавно обвинувајќи дека персоналот се ангжирал по партиски клуч.

      „За крај шлаг на тортата да биде, збирате персонал, но партиски. Е сега, дали се квалифицирани или не, е прашање. Прашање е што фрлате в оган луѓе кои прв пат стапнуваат на работното место, на сред пандемија. Ние со искуство, туршија да не клајте. И немој да сте дале повратен одговор“, – пишува револтираната медицинска сестра, која ја искинала дури и својата диплома.

      Дека се ангажираат медицински лица без никакво искуство, признава и директорот Богоески. Вели, не знаеле што е вена, што е систем, што во најмала рака е зачудувачки, но многу повеќе ризично по животот на пациентите врз кои овие луѓе сега треба да вежбаат пракса.

       Колку за потсетување пред два дена својот глас го кренаа и лекарите-специјализанти кои му напишаа отворено писмо на премиерот Заев, во кое го потсетуваат дека е спротивно на основните човечки принципи да се побарува специјализант без здравствено осигурување да работи во Ковид- центар.

Каролина Дурло

                                                                                            

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста