Тетовци и оваа зима повторно ќе дишат загаден воздух – властите и натаму без конкретни мерки

Тетовци оваа есен и претстојната зима повторно ќе дишат загаден воздух. На две недели пред почетокот на грејната сезона, локалните власти ниту годинава не спроведоа никаков план, ниту понудија мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, реагираат еколошките здруженија.

„За жал сметам дека ништо подобро не е направено. Ниту во инфраструктурата, ниту во Општината ништо не е направено за да имаме помалку загадување. Се уште не е дојдено до гасификација на градот, се уште струјата не е поефтина, јавниот превоз до некаде функционира, но не е доволно ефикасен“, вели Аријанит Џафери од „Еко герила“.

Велат, борбата со аерозагдувањето особено требаше да им биде приоритет сега во време на пандемија. Но, не само што нема мерки, заспани се чини се и инспекциските служби кои речиси и да не казнуваат.

„Нема некои порадикални мерки или поригорозни контроли и казни од страна на Инспекторатот. Затоа не верувам дека оваа зима ќе биде подобро. За жал тоа не придонесува за подобрување на пандемијата, бидејќи загадувањето помага во ширењето на вирусите“ додава Џафери.

Тетово секоја година во време на грејна сезона бележи енормно зголемување на аерозагадувањето. Постојано алармираат и лекарите дека бројот на белодробни и малигни заболувања во полошко е во постојан раст, но, локалните власти изминативе години, освен најави дека ќе биде, не мрднаа ниту со прст за преземање посериозни мерки за поквалитетен воздух.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста