Тетовци на протест против поскапувањето на струјата, велат државата не прави ништо за да му помогне на народот

Големо „НЕ“ за поскапување на струјата и самораспуштање на Регулаторна велат жителите на Тетово кои се силно револтирани поради одлуката на Регулаторната комисија за енергетика да ја зголеми цената на струјата за 7,4%. Граѓаните кои излегоа на протест не само што бараат итно повлекување на одлуката, туку и дополнително струјата да поевтини за 20% во време на пандемија.

– Ова е катастрофа што ни го прават, мора струјата да поевтини одма, како што е во сите држави, а не да поскапува, не сотреа, се жалат граѓаните на Тетово кои излегоа на протест на градскиот плоштад.

Граѓаните со остра критика до државата. Велат дека ова што им го прави е нечовечки, зашто секаде за време на падемија се поевтинува, само кај нас се поскапува. Овој удар велат дека тешко ќе го издржат.

– Вака да ви кажам, со 9.000 денари не можеме ни да издржиме, а камо ли да плаќаме поскапи сметки, готови сме. Мора ова да се стопира, и тоа веднаш, остро реагираат граѓаните.

Организаторите на протестите посочуваат дека тие се организираат како реакција на поскапувањето на струјата, но и против компанијата ЕВН.

Oрганизаторот на протестот, Аријанит Џафери за Алфа истакна дека бараат да се намали струјата за 20 отсто бидејќи во време на пандемија тоа го направиле неколку други држави ширум Европа.

– Прво регулаторната комисија веднаш да ја став вон сила одлуката за зголемување на цената и да ја намали цената за 20 отсто. Второ, Владата да го укине монополот на услугите за ЕВН и да стави крај на нечовечкото однесување кон потрошувачите. Собранието да ја укине Регулаторна комисија бидејќи служи само за апетитите на бизнис групациите кои сериозно го оштетуваат семејниот буџет на сиромашните граѓани. Последно четврто барање е Собранието да формира независен арбитрарен орган кој ќе го верификува квалитетот на услуги и ќе адресира поплаките на граѓаните на ваквите корпоративни рекетарски компании, истакна Џафери.

Граѓаните се незадоволни и за начинот на функционирање на пазарот за електрична енергија. Затоа, бараат независно тело кое ќе ја регулира и оценува услугата која граѓаните ја добиваат од енергетските компании. Сега, велат си прави кој како сака и што си сака.

Ако Регулаторна не ја повлече одлуката, протестите ќе се засилуваат, велат граѓаните. Ваквиот удар за граѓаните со низа поскапувања, ќе ги дотолчи сите, се жалат тие. Инаку освен во Тетово, протести против поскапување на струјата имапе и во скопски Чаир, Куманово, Гостивар и Дебар.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста