Термини за тестирање нема – пациенти завршуваат и фатално додека чекаат Ковид тест

Корона хаос во Македонија. Бројот на заразени и починати рапидно расте, вирусот неконтролирано се шири, а граѓаните мака мачат да стигнат до термин за тестирање по контакт со позитивно лице. Алгоритмите се непроменети уште од стартот на пандемијата во земјава, а пациентите мораат да патуваат во други градови оти во нивните слободни термини за Ковид тест нема со недели. Матичните доктори алармираат – пациенти оздравуваат дур да добијат термин за тестирање.
„Некаде 4 до 5 дена се чека за да се закаже електронски термин за тестирање. Околу 25 проценти се слободни низ градовите термините за да се закаже, другото 75 отсто се зафатени. Луѓето кои што навистина имаат потреба и се болни, за нив ќе закажеме и во зависност од прашањата и алгоритмот дали ќе ги пушти тогаш се праќаат на закажување. Сите оние кои што се болни имаат симптоми им даваме терапија и им кажуваме да седат дома нормално до термин кога ќе им дојде. Има и такви ситуации додека пациентот да најде термин ние веќе сме им ја подобриле состојбата со терапијата која сме ја дале“, вели доктор Лилија Чолакова Дервишова.
Граѓаните се почесто зборуваат оти блиски контакти на ковид позитивни пациенти слободно шетаат оти немале решение за самоизолација, а немале ни услови приватно да се тестираат. На едно четиричлено семејство му се потребни 16.000 денари за да се тестира во приватна лабораторија. Ова пак вклучува друг аларм – дали неконтролираното ширење на вирусот е причина за високиот број на заразени?
Во меѓувреме, болничките капацитети се полнат. Во болниците во внатрешноста повеќе нема место, а инфективните одделенија во главниот град се полнат. Модуларната болница пред Инфективната клиника е речиси половично исполнета, во 8 Септември има уште неколку слободни легла. Речиси половина е исполнет капацитетот и на Детската болница во Козле.
Расте и бројот на здравствени работници позитивни на Ковид 19. Од почетокот на кризата во земјава заболеле над 1100 доктори и медицински сестри. Уште еден доктор денеска ја изгуби битката со вирусот. Во приватна болница во Скопје починал штипскиот хирург Ѓорѓи Денков. Вчера и хирург од Куманово почина од последици на Ковид 19.
Бројот на заболени секојдневно урива рекорди – светските статистики покажуваат оти Македонија е најлошо рангирана во регионот по бројот на заразени и починати на милион жители. Пред нас е само Црна Гора со двојно повеќе заразени. Со 12.000 заболени на еден милион жители Македонија за двојно го надмина светскиот просек кој изнесува 5302. По бројот на смртни случаи, вкупно 420 на еден милион жители, земјава е тројно погоре од светскиот просек од 145.
Биљана Божиновска