Термини за тестирање нема ни за лек – матичните алармираат дека состојбата е сериозна

Британскиот сој коси во Македонија, бројот на новозаразени секојдневно се зголемува за над 1000 нови случаи, но дали е тоа реалната слика? Матичните алармираат дека термини за тестирање нема, па бројот на позитивни е барем трикратно поголем од оној официјалниот. Во време кога граѓаните осиромашуваат поради корона кризата, бројни се оние семејства кои не можат да си дозволат да се тестираат во приватните лаборатории, па се изолираат и лекуваат под претпоставка дека се позитивни на вирусот.

„Огромен проблем ни е немаме луѓе термини за тестирање на ПЦР, многу малку тестови се прават. Брзите антигенски тестови исто така ни се лимитирани. На жалост сме ставени во ситуација, во такви семејства, социјално ранливи, ги има многу, веќе стануваат поголемиот дел од народот социјално ранлив бидејќи финансискиот момент е многу страшен, па селективно тестираме. Тоа е катастрофа, еден член од семејството само. Може петчлено семејство само за еден тест да се дозволи, па да претпоставуваме дека другите се позитивни или не па индиректно да ги изолираме“, вели доктор Ненад Лазаров, матичен лекар.

Најголем проблем, според Лазаров е лошата организација на здравствениот систем и фактот што речиси сите специјалистички болници се претворија во ковид центри. Ова најмногу ги погоди хронично болните пациенти, кои допрва ќе ги почувствуваат последиците од нередовните лекарски прегледи.

„Терциерното здравство го претворивме во ковид центри што е нон сенс. Ние требаше ова време да го искористиме за соодветни сместувачки капацитети за ковид центри на страна, додека терциерното здравство мораше да ни функционира. Ние имаме колабирано терциерно, колабирано секундарно, примарното здравство велиме кога ни треба обратете се кај матичен лекар, а кога треба нешто за нас да се направи викаме не сме во системот… и навистина е ова веќе збунувачки. јас имам пациенти, кардиолошки случаи кои што година ипол немаат видено специјалист. Имаме нефропатии, имаме пост ковид ситуации кај што треба да ги праќаме пациентите“, додава Лазаров.

Третиот корона бран ги мобилизираше сите Клиники за лекување на пациенти со компликации од Ковид 19. Покрај Интерните клиники, пулмологија, гастро, ОРЛ и неврологија, ковид позитивни пациенти се лекуваат и на траума и на пластика.

И во ГОБ 8 Септември стагнираа со работа сите други специјалности. Таму освен хирурзите, останатите специјалисти ротираат во Ковид центарот. Иста е состојбата и во болниците во внатрешноста. Доктори од Тетово неодамна алармираа дека кревети за болните има, но недостига стручен кадар.

Во Македонија, рекордни 1700 пациенти се на болничко лекување на инфективните одделенија, што е најголем број на хоспитализирани од почетокот на пандемијата.

Биљана Божиновска