Терасите и доградените спратови на станбените згради нема да се легализираат
Проширените, доградени и надградени спратови и тераси на станбените згради нема да можат да се легализираат со новиот закон кој Владата го усвои на последната седница. Целта била да се стави крај на непрописното градење и да се задржи отпорноста на земјотреси на старите градби. Министерот за транспорт Сугарески не исклучи дека ќе се легализираат објекти во национални паркови и заштитени подрачја. Сепак, вели секој може да поднесе барање, но тоа не значи дека ќе биде прифатено. За да добие правен статус, секоја градба треба да добие согласност од повеќе институции.
Охридскиот регион не се исклучува целосно од законот. Сугарески напомена дека нема да се легализираат објекти во делот што е под заштита од УНЕСКО. Правен статус можеле да добијат исклучиво градби кои претставувале функционална целина до октомври годинава и кои според направените студии не ги загрозуваат препораките на УНЕСКО.
Оние кои веќе почнале процес на легализација според постојниот закон ќе плаќаат едно евро за квадрат. Барања ќе можат да поднесуваат и оние што поради некомплетна документација биле одбиени првиот пат. Сепак, наместо едно евро за квадрат, сега по новиот закон ќе треба да платат 150% од комуналиите. 6 месеци е рокот за поднесување барања и уште толку да приложување на документите. За инфраструктурни објекти, пак, ќе се плаќаат 10 евра за метар квадратен. Сугарески тврди – дивоградбите можат да се решат или со легализација или со рушење. Рушењето и казните биле под надлежност на инспекторите, односно општините што треба да донесат такви решенија. Досега според постојниот закон легализирани се 245 илјади градби од 430 илјади поднесени барања.
Тања Попова