Тепачот Дудуш призна дека тепал и доби судска опомена, СДСМ не кажуваат дали ќе побараат одговорност

Тепачот Курто Дудуш доби само опомена. Тој призна дека го тепал Демир Исмаил, но не доби никаква казна, судот му изрече судска опомена. Градоначалникот на Шуто Оризари, и денеска повторно реши да ги избегне медиумите, но кратко говореше пред судијата Ѓоко Ристов, велејќи дека се кае за стореното.

-Жал ми е за стореното, се случи во афект. Јас со Демо сме долги години другари. Меѓутоа, се случи, тоа е. Му се извинувам, кажа Дудуш пред судот.

Оштетениот Демир Исмаил, кој е претседател на Европската ромска дијаспора „Асва“ изјави дека е задоволен што Дудуш го призна делото. Најави дека преку граѓанска парница ќе бара финансиска отштета, а парите ќе ги даде во хуманитарни цели.

-Јас сум презадоволен од денешното рочиште, по некој пат треба да се прости, нека му е за памет. Се договоривме, ќе има оштета, целата оштета ќе оди за децата кои се бездомни, кои се без родители во цела Македонија. Ќе треба и тој да е хуманитарен да даде што поголема оштета, таа оштета не е за мене, не ни ја сакам таа оштета, изјави Исмаил.

Дудуш не беше осуден, можеби ќе плати парична казна откако призна дека тепал човек. Но, се поставува прашањето дали после денешниот ден тој треба да продолжи да ја извршува функцијата градоначалник. Алфа праша дали СДСМ ќе побара од својот член да поднесе оставка од функцијата и дали лице кое тепало човек е достоен да биде шеф на една општина, но од таму се уште молчат. Единствено од партијата на оваа тема проговори пратеничката Снежана Калеска Ванчева, таа кратко порача Дудуш да постапел како чувствувал.

-СДСМ како партија не може да дава никакви ставови во однос на тоа дали некој учествувал или не учествувал, за лична одговорност. Тој како чувствува така нека постапи, вели Калеска Ванчева.

Од опозицијата пак велат дека денешната опомена за Дудуш е доказ дека власта преку судството си ги штити своите функционери. Од ВМРО-ДПМНЕ не веруваат дека СДСМ ќе побара Дудуш да си поднесе оставка.

-Па што треба да направи функционер на СДСМ за да биде казнет ? СДСМ те тепа, а судството на Заев ги ослободува насилниците како Дудуш. Тоа се тие  европските вредности за СДСМ. Да потсетиме дека насилникот, градоначалник на Шуто Оризари, Курто Дудуш во неколку наврати напаѓа и тепа граѓани, но тоа не е доволно судот да го осуди за кривично дело, туку само му дава  опомени, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Помалку и чудно е што место казна Дудуш доби судска опомена, бидејќи ова не е единствен физички напад во кој учествувал градоначалникот на Шуто Оризари. Во аудио снимка која беше објавена пред неколку месеци се слуша како Дудуш лишува од слобода, тепа и измачува човек во неговиот кабинет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста