Тепачите на девојката во Штип пуштени дома, им истекол притворскиот рок, девојката во паника

На двајцата насилници, кои во јануари брутално претепаа 22 годишна девојка и притоа го снимаа монструозниот чин, им заврши притворот и се отпуштени од кумановскиот затвор. Иако Штипска апелација ја потврди пресудата на Основниот суд и затворската казна од по двеипол години е правосилна, осудените Стефан и Пепи на слобода ќе останат уште два месеци.

За издржување казна затвор треба да се јават после први септември, бидејќи со владина Уредба поради корона кризата е пролонгирано издржувањето на затворски казни до три години, освен за предметите за кои постои опасност од застарување, информираат од Судот за извршување на санкции во Штип.

Мерката притвор определена против двајцата обвинети е продолжена до правосилноста на пресудата, но најдолго шеесет дена од изрекувањето на пресудата на истата како максимален период согласно законот, поради што осудените се отпуштени од Затвор Куманово на 30 јуни, информираат од Судот за извршување на санкции во Штип.

Одбраната на девојката меѓутоа тврди дека постои реална опасност насилниците да и се закануваат и да ги прекршат изречените правосилни времени мерки за заштита од насилство, со што ќе сторат уште едно кривично дело.

22 годишната жртва пред еден месец си ја отвори душата. За Алфа раскажуваше дека нејзиниот татко починал бидејќи срцето му пукнало од болка гледајќи како насилниците ја тепаат. Тогаш се пожали дека иако се во притвор, сепак индиректно од нив добива закани.

Во услови кои се под секое човечко ниво, девојката живее сама, а по смртта на татко си наследи долг од над 200.000 денари.

Александра Ристевска