Температури до 40 степени, не излегувајте од дома ако не е неопходно

Лекарите апелираат на овие пеколни температури граѓаните да останат дома и да не излегуваат надвор без потреба, посебно во периодот од 11 до 17 часот. Поради пандемијата со корона вирусот, службата за брза помош работи во неколку екипи, со ограничени ресурси. Од таму велат дека се трудат да постигнат сегаде, но некогаш со задоцнување.

“Работиме со одреден број на екипи, пандемијата зазема дел од ресурсите. Се трудиме многу и постигнуваме некако, некаде со задоцнување. Но апелот што го даваме до граѓаните ќе вроди со плод и се надеваме дека нема да имам многу интервенции поради жешкото време” – вели ДР.ЃЕОРГИ КАРАМАНОВСКИ – шеф на смена, итна медицинска помош.

Од брзата помош велат дека се уште не е зголемен бројот на интервенции како што се топлотен удар, сончаница, и посериозни симптоми поради жешкото време, но и да се зголеми бројот, тоа ќе биде очекувано и карактеристично за овој период од годината.

“Во изминатото деноноќие имаме повици за она што е вообичаено за брзата помош, има интервенции за колапси поради излегување во недозволеното време, но тоа се мал број. За сега нема интервенции за сончаници, топлотни удари и слично” – вели ДР.ЃЕОРГИ КАРАМАНОВСКИ – шеф на смена, итна медицинска помош.

Управата за хидрометеоролошки работи информираше дека Македонија се уште не е влезена во портокалова предупредувачка фаза, но температурите до 40 степени целзиусови се доволна причина луѓето да бидат внимателни.

Адријана Алексиеска

Advertisements