Законите со кои се загрозува енергетската иднина, ќе се туркаат на сила во Собрание

Законите со кои се загрозува енергетската иднина, ќе се туркаат на сила во Собрание

Владата не ги барала инвеститорите, инвеститорите ја нашле Владата. Четирите фирми кои, според експертите, може да ја загрозат енергетската иднина на Македонија сами се пријавиле да влезат во земјава. Надлежните велат дека со законот за стратешки инвестиции кој си го донесоа пред точно четири години имале дискреционо право директно да си преговараат.

Сега предизборно се туркаат четири нови закони за да се задоволат барањата на овие инвеститори.

Два часа на брифинг со новинарите, не добивме конкретни одговори на критиките од експертите, ниту конкретно објаснување, зошто Македонија не вложува и не ги гради сама енергетските капацитети , туку дозволува странци да менаџираат и да го собираат „ќарот“.

Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата парите ги потрошила на  субвенции за струја за да не поскапеле сметките на домаќинствата, но не кажа зошто на време не биле вложени во домашни капацитети кои доколку ги имавме ќе значеа евтина и сигурна енергија.

ЕСМ имаше предизвик овие три – четири години, па парите кои евентуално би ги инвестирале ги дадовме за субвенционирање. Тие 400 милиони отидоа кај граѓаните за субвенционирање, затоа што бевме во таков период, вели Битиќи.

Најконтроверзна е изградбата на комбинираната централа во Скопје од Митилинеос, покрај тоа што им даваме државна помош и што целата произведена струја и топлина Македонија има обврска да ја купува дури и да нема потреба во мрежата, доплонително и на наш грб ќе паднат еколошките такси од кои се ослободени сите наведени инвеститори, зашто тие така барале.

Иако „Митилинеос“ во моментов продава струја поскапа од берзанската, Владата тврди оти во договорот ставиле формула со која ќе имаме загарантирана цена пет проценти пониска од берзанската. Покрај ова ние ќе им изградиме и цела индустриска зона, а земјиштето ќе се закупува по цена по 0,1 евро за метар квадратен.

На парите што ги даваме за пет години ако го исклучиме моментот на заработката на ЕСМ , државата за 10 години по основ на Данок на добивка ќе си ги врати назад. Цената на закуп на земјиштето ќе биде 0,1 евро по метар кавадратен, а компанијата плаќа 2 евра за одржување за метар квадратен , образложи директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.

Дополнително, се наметнува прашањето, што ќе се прави со целата произведена електрична енергија  и топлина од новите капацитети кога гасификацијата не е завршена. Вицепремиерот уверува дека ќе се направи навреме, а доколку не не знаеме што ќе се случува. На прашање дали ова е закана за постоечки ТЕ–ТО, вицепремиерот како на шега одговори оти ќе го исклучеле затоа што бил руска инвестиција.

Централата ТЕ-ТО ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив, рече Битиќи.

Пакетот од 4 закони утре ќе се најде на Пленарна седница во Собрание по скратена постапка, што значи дека се крати времето за дискусија. Заедно ќе се гласаат и законите за проектите за Соларен парк Стипион, проектот АИМ Грин ТЕЦХ и проектот за соларна електрична централа во Пехчево. Кој ги напиша точно законите конкретен одговор не добивме.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста