Oпштина Aеродром се правда дека тие не биле надлежни за проблемот од зградата во Mичурин

Локалните власти молчат, а станарите во речиси урнатата зграда во Мичурин и понатаму во паника како да продолжат да живеат во вакви мизерни услови. Алфа побара одговор на прашањата кои ги мачат жителите, дали и кога ќе се гради булевар или улица на местото на зградата и што се предвидува да се случи со истата која е пред распаѓање. Со право или не, се плашат дека зградата нема да издржи уште долго.

Веќе неколку часа градоначалникот на Општина Аеродром не одговара на повиците и СМС пораките на телевизија Алфа. Отидовме и на неговото работно место, но таму ни кажаа дека тој не е во можност да ни даде изјава. Ова се случи и претходно, во обид Алфа да добие информации на друга тема.

Во замена за изјава на градоначалникот, кој треба секогаш да биде достапен за јавноста, од Општината ни испратија писмен став, со кој ја префрлаат топката на Град Скопје, а од таму, до сега не добивме никаков одговор.

Изградбата на булеварот е во надлежност на Град Скопје.
Сопствениците на станови доколку го откупат градежното земјиште, ќе може да учествуваат во преговорите со идниот инвеститор кој би го нашле самите – велат од Општината.

Проблемот настанал со донесувањето на генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година, во кој била предвидена изградба на булевар “Борис Кидрич”, кој би поминувал на местото на сегашната зграда. Станарите се согласиле под услов да се даде земјиште каде би се преселиле. За сега, нема ниту булевар, ниту земјиште кое можат да го откупат за да се изгради нова зграда. Заглавени ни ваму – ни таму ја бараат правдата кај властите, оти на маркицата која претходно им ја доделиле за откуп на површината позади сегашната зграда, приватизирани се само 65м квадратни.
Некаде помеѓу правните лавиринти и лошите услови за живот, станарите ќе ја бараат правдата до крај, иако, како што велат тие, релевантните институции немаат слух за нивниот проблем.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста