„Комитите“ најнов проблем за Бугарија: Ги налути транспарент- бил антибугарски

Навивачка парола најнов проблем за Бугарија. Одлуката на навивачите на Вардар, Комитите да го изразат својот револт за отворањето на бугарскиот културен клуб Ванчо Михајлов, во Битола, за источниот сосед стана нов проблем. БГНЕС издвои еден од транспарентите на Комити како антибугарски, со осврт на делот дека морала да реагира полицијата.

-И покрај сериозното полициско присуство, ниту еден службеник за спроведување на законот не се обиде да ги отстрани или побара симнување на транспарентите, пишува БГНЕС.

Ова доаѓа по отворањето на бугарскиот културен клуб крстен по соработник на фашистичкиот режим на Хитлер, во присуство на политичкиот крем од Софија, предводен од премиерот на Бугарија, Кирил Петков. Тој после овие случувања ни даде нова насока во преговорите, со таканареченото одложено вето, со кои билатералниот спор со Бугарија ќе стане официјален услов во преговорите на европскиот пат на Македонија.

-Ние не треба просто да го дигнеме ветото, туку да го преместиме. Промената на Уставот во Македонија мора да се случи пред првото поглавје и треба да ги ставиме на колосек за Европа, но критериумите што треба да ги исполнат мора јасно да бидат поставени од нас. Ѝ даваме пат на Македонија кон Европа, но овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамени и кои ги користи цела Европа за да обезбеди напредок што сите сакаме да се случи таму.– изјави бугарскиот премиер во интервјуто за бугарската Нова ТВ.

Дека патот кон ЕУ ќе биде трнлив ни порача и заменичката на Румен Радев, Илијана Јотова, која ни наброја и колку услови мора да исполниме за да го добиеме тој толку посакуван датум.

-Бугарија има четири, пет услови кон Република Македонија, кои се поставени многу одамна, уште од моментот во 2019 година кога стана јасно дека после потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не мрднало. После осумнаесет седници на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во текстовите во училиштата во Република Македонија, вели Јотова.

Покрај сите досегашни отстапки, Македонија добива само црвено светло од Софија, а оптимизмот веќе го нема и кај власта. Сигурниот датум за министерот надворешни работи Бујар Османи, сега станува затворен прозорец.

-Сметам дека нема доволно енергија и капитал оваа Влада да се посвети на една тема, откако ќе се затвори овој прозоцер на можности, ќе мора да се свртиме на внатрешните прашања во државата. Што тоа значи, ќе треба нормално Европската унија да одлучи што понатаму. Но, топката веќе не е во нашиот двор, топката е веќе во Софија, затоа што ние направивме се што можевме да се направи како еден конструктивен партнер во овие преговори, изјави Османи.

Официјална Софија бара Бугарите да влезат во македонскиот Устав како државотворен народ, но не гарантираат дека и оваа отстапка би значела кревање на ветото.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста