Кичеец осуден на 3 години затвор, може да сведочи против Катица Јанева и Боки 13

Зоран Милески Кичеец е осуден на три години затвор, судот го прогласи за виновен, откако вчера тој призна дека добил награда за противзаконско влијание.

Милески останува во притвор до почетокот на извршување на казната, односно откако повисокиот суд ќе одлучи по жалбата на неговите адвокати за висината на казната.

Милески денеска во скопска единица беше спроведен од куќен притвор да ја слушне одлуката на судот, со скаменет поглед ја слушаше судијката Васка Николовска – Масевска.

Кривичното дело заедно со Боки 13 и Катица Јанева го извршиле во период од ноември 2018 до април 2019 година.

Посредник Орце Камчев да стапи во контакт со Боки 13 бил токму Кичеец. Посредувал меѓу нив поради блискоста на Боки со Катица Јанева која пак го сомничела тогаш Камчев во предметот Империја на СЈО.

Договорите за рекетот, меѓу Ана Камчева и Боки 13 се одвивале во телевизијата 1тв, а таму Боки преку спикер фон разговарал со Јанева.

Екс шефицата на СЈО пак за да го ослободи Камчев од кривична одговорност барала 8 милиони евра, за да го направи заштитен сведок или да добие поблаги парични казни 5 милиони евра била тарифата на Јанева рече судијката, а за враќање на пасошот и ослободување од притвор, Камчеви морало да платат 1,5 милион евра.

Половина милион платила Ана Камчева во домот на Боки 13, 1 милион им дал Орце Камчев.

Јавната обвинителка за гонење организиран криминал на крајот од денешното рочиште, кажа дека не очекувала поголема казна, за разлика од адвокатите таа откако ќе ја прочитала пресудата ќе одлучи дали ќе се жали на висината.

Не ја исклучува можноста Зоран Милески Кичеец да сведочи против Јанева и Боки 13 како сведок на обвинителството. Законот дозволува и втората страна во постапката да го повика за сведок.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста