„Aмерика се врати“ е мотото на политиката на Бајден – што ја одбележа досега на надворешен план?

Американскиот претседател Џо Бајден дојде на функцијата со пораката „Америка се врати“ и вети дека дипломатијата ќе ја замени воената моќ како главен инструмент на надворешната политика на САД. Борбата против пандемијата беше исто така негов главен приоритет. Јованчо Наумоски од Гласот на Америка направи преглед на надворешната политика на САД од неговата прва година на функцијата.

Надворешната политика на САД беше проследена со хаотичното повлекување од Авганистан во август, што се смета за најголем неуспех во првата година на претседателската функција на Џо Бајден.

Повлекувањето е во согласност со целта на администрацијата да го намали воениот ангажман на Блискиот Исток.

Но, предизвиците остануваат, вклучително и постојните тензии меѓу Израелците и Палестинците како и нуклеарниот договор на Иран од 2015-та со светските сили, од кој администрацијата на Трамп се повлече во 2018-та година.

Сепак, по онаа познатата “Америка Прво” под поранешниот претседател Доналд Трамп, пораката на Бајден беше “Америка се врати”.

„Ние ќе застанеме во одбрана на нашите сојузници и нашите пријатели и ќе се спротивставиме на обидите на посилните земји кои доминираат со послабите, без разлика дали преку сила, економска принуда, техничка експлоатација или дезинформација. Ние не бараме нова Студена војна или свет поделен на блокови“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Но, Бајден ги повлече линии на раслојување – она што тој го нарекува борба меѓу демократиите и автократиите. Тој собра повеќе од 100 земји на виртуелниот Самит за демократија во декември, исклучувајќи ги кинескиот претседател Кси Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, со кои се среќаваше буквално во одделни прилики, зајакнувајќи ја клучната тема во неговата надворешна политика.

Кина, сега главен противник по воена моќ и геополитичко влијание, е приоритет на Бајден во надворешната политика.

Но, Русија, уште еден ривал, не останува на страна, мобилизирајќи десетици илјади војници долж украинската граница.

Друг нерешен проблем е Северна Кореја, каде што администрацијата не е подготвена да склучи договор доколку Ким Јонг Ун не се обврзе да ја прекине својата програма за нуклеарно оружје.

Во јуни, повеќе од шест месеци откако Американците почнаа да ги примаат своите вакцини, САД почнаа да испраќаат милиони донации од вакцини до нациите со пониски и средни приходи.

До септември, Бајден ги опиша САД како „светски арсенал на вакцини“, со ветувања за испорака на повеќе од една милијарда донирани вакцини.

„САД го предводат светот по донации за вакцинација. Додека го правиме тоа, ни требаат и други земји со високи приходи да ги испорачаат сопствените амбициозни донации и ветувањата за вакцини. Затоа денес го започнуваме Европско-Американското партнерство за вакцини за поблиска соработка и со нашите партнери и проширување на глобалната вакцинација“, рече Бајден.

Бајден мораше да ја балансира својата одговорност кон своето население со, како што вели, моралната обврска како најбогатата нација во светот кон остатокот од планетата.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста