Акцизите се зголемуваат за 3 денари, акцизата на ЕЛ 1 не се изедначува со дизелот

Акцизите на нафтените деривати и официјално се зголемуваат за 3 денари – соопшти портпаролот на Владата Муамет Хоџа и покрај тоа што сите ја чекаа министерката за финансии Нина Ангеловска да ја образложи мерката. Стопанската комора на Македонија побара 2 денари пораст, но Владата се одлучила за зголемување од 3 денари. Поголемо поскапување претходно најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ваквото решение треба да обезбеди повеќе пари во буџетот за борба со последиците од коронавирусот. И покрај бурните реакции од граѓаните и бизнисот, Хоџа објаснуваше дека ваква одлука се донела бидејќи Македонија имала најниски акцизи и најниски цени на горивата во регионот и Европа. Повисоките акцизи се компензирале со пониските цени на нафтените деривати.

Владата не донесе одлука да ја изедначи акцизата на екстралесното масло со дизелот за да ги спречи злоупотребите, екстралесното масло наместо за домаќинствата, да се користи како погонско гориво. Според Хоџа, ефектите ќе биле никакви, бидејќи употребата на маслото била лимитирана.

Најмногу на зголемувањето на акцизите се жалеа транспортерите. Велат не ги зголемувале цените кога нафтата поскапувала, за да ја задржат конкурентноста. За нив ова ќе биде дополнителен удар. Од Владата, пак, велат дека тврдењата дека овој потег негативно ќе се одрази врз нивните финансии биле неосновани.

Со зголемување на акцизите за 3 денари, до септември треба да се покријат загуби од околу 18 милиони евра, а до декември до 31 милион евра. Ако цените на акцизите останеле исти, загубите годинава би биле 30 милиони евра. Хоџа тврди дека акцизата постепено ќе се намалува како што ќе згаснува заканата од Ковид 19 и како што цените ќе одат нагоре. Лани, од акцизи во државниот буџет се слеале 240 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста