Текстилците да се заштитат од трудова експлоатација

Алармантна е состојбата во текстилниот сектор. Неопходна е едукација и информација на текстилните работници за заштита од трудовата едукација, констатираат од невладиното здружение „Достоинствен работник“ кое во Прилеп ја организираше тркалезната маса, почеток на проектот „Не биди роб, информирај се за своите работнички права“. Работилницата беше со теркстилците, трудовиот инспекторат, кластерот за текстил со адовокатите.

Според државниот трудов инспектор Моника Митровска Костовска, најзагрозени се работничките права во текстилната, кожарската индустрија, во угоистителството, земјоделството. Има многу пријави и состојбата е алармантна, рече, во текстилниот сектор.

-Во текстилната индустрија најчести прекршувања на правата од работен однос се: работа на црно, зашто работодавците ги држат работниците непријавени, без договор за вработување, без да ги осигураат, ги држат подолго од полното работно време, не им овозможуваат користење на годишен одмор, ниту пак дневен или неделен одмор, доцнат со исплата на платите. Ситуацијата е доста алармантна, секојдневно имаме поплаки, секојдневно сме на теренот, вели Митровска Костовска која денеска ја презентираше темата „Жените на пазарот на трудот и мерките против трудовата експлоатација“.

За Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилниот кластер најбитно е заедничкото дејствување на Кластерот, со синдикатот, здруженијата, по примерот на овој проект и со владините институции. Се бараат државни субвенции за зголемување на минималната плата за текстилните работници.

-Ќе бараме поддршка од владините институции, зашто компаниите не се во можност да го направат тоа второ покачување на минималната плата што се најавува. Со заедничка соработка, пак, и со синдикатот и со здруженијата, како што е овој пример со проектот на „Достоинствен работник“ да ги подобриме релациите, но и состојбите и условите за текстилните работници. Работодавците се подготвени да ја покачат минималната плата, но со соодветни субвенции од државата. Порано имаше извозни субвенции, зашто текстилната гранка е меѓу најголемите извозници, особено што 95 отсто од производството е за извоз. Сетаме дека со соодветна стимулација, преку извозот или покривање на дел од придонесите, може да се најде заеднички јазик за покачувањето на минималната плата за текстилните работници, објаснува Савевска.

Рубинчо Аризанкоски од здружението „Достоинствен работник“ вели дека преку проектот, поддржан од ЕУ преку грантова шема преку здружението „Отворена порта“ од Скопје, ќе се настојува состојбите да се подобрат, а првенствено ќе се едуцираат 50 текстилни рбаотници од Прилепскиот регион за да се заштитат од трудова експлоатација. Во Прилеп е потребен Економско-социјален совет, а работодавците да не бегаат од вакви дискусии зашто е, вели, тоа и во нивен интерес.

-Проектот има цел да воспостави механизам, едукација и информација на текстилните работнички во заштитата од трудовата експлоатација во Општина Прилеп во секторот Текстилна индустрија. Би сакале да едуцираме преку 50 работнички од текстилниот сектор за заштита од трудовата експлоатација, а со тоа да ги вклучиме и работодавците во процесот на информација и едукација за почитување на законската регулатива, поточно, Законот за работни односи и законот за безбедност и здравје при работа. Знаеме дека текстилниот сектор во Република Северна Македонија моментално е на ниско ниво и постои, за жал, можност да биде на прво место по ризикот, заедно со земјоделскиот сектор поради незаштитеноста на текстилните работнички. Овој проект ќе даде резултат и во воспоставувањето соработка со Државниот трудов инспекторат за да може текстилните работнички да се едуцираат. Особено со инспекторатот од Србија што ќе биде дел од проектот во ноември, објаснува Аризанкоски.

Аризанкоски признава дека работодавците бегаат од дискусијата, но мора да знаат, вели, дека е и во нивен интерес.

-Може да заклучиме дека прилепските текстилни компании не сакаа да се вклучат во оваа тркалезна маса и во овој процес, зашто се плашат од Државниот инспекторат за труд. Но напротив, за нив е битно да се подобрат правата на работниците и фирмите би конкурирале во Европските фондови за интеграцијата на малите и на средните претпријатија. Како здружение потенцираме дека Општина Прилеп мора да формира Економско-социјален совет каде ќе членуваат синдикатите и здруженијата специјализирани од трудовото право и од областа на безбедноста при работа, вели Аризанкоски.

Во нашата држава има околу 30.000 текстилни работници.