Принудени сме да ставиме клуч на врата оти владините мерки не се доволни за да го спасиме производството – отворено зборуваат сопственици на текстилни компании за Алфа. Ако се реализираат најцрните сценарија, илјадници работници ќе останат без работа. Коронакризата на големо удри по текстилните компании кои на големо отпуштаат работници, главно шнајдерки.

– Размислуваме за опцијата отпуштање на работниците, заради тоа што практично од 10 април ние повеќе немаме работа. Мерките што ги предложува владата нема да ни помогнат. Предлогот на Стопанската комора е најдобар. Тоа веќе го воведоа, мислам дека Србија, Грција и Словенија, вели во телефонски разговор за Алфа, Марјан Румпевски од сопственичктаа структура на „Полотекс“ од Берово.

Во понеделник ставам клуч на врата, пазарот во Германија се затвора, немам за кого да работам, вели сопственикот од „Дока текстил“, Валандово, која претходно донирала 40.000 маски во Валандово, Дојран, Гевгелија и Демир Капија. Газдата рече дека за сега нема да ги отпушти работниците, и ќе се бори колку што може, но опцијата да се задолжи со кредити била невозможна, зашто враќањето било илузија.

– Ниту минималната плата што владата сака да ни ја даде, ќе треба да ја враќаме до крајот на годината, а не верувам дека било каква добивка ќе оствариме до тогаш. 20 години работам и го полнам буџетот, сега ми е неопходна реална поддршка, а не вакви мерки. Да не помогнат со 100 отсто покривање на трошоците барем за два месеци, рече Тини Пандев, сопственик на „Дока текстил“ ДОО од Валандово.

Текстилната конфекција „Ноел“ од Гевгелија веќе отпуштила 105 шнајдерки. Сопственикот Томе Главчев, за Алфа вели намалениот обем на работа го принудил на тоа оти речиси 100% од кошулите се извезувале на германскиот пазар.

– Некои медиуми шпекулираа дека станува збор за 150 жени, тоа не е точно. Се работи за 105 работници, главно шнајдерки кои беа на договор на определено време. Јас сум уверен дека штом се подобри состојбата сите до една ќе ги вратиме на работа. Стварно сум изненаден од мојот грчки партнер кој со полна пареа работи и извезува, иако пазарот е затворен од сите страни, рече за Алфа Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“ од Гевгелија.

И во Тетово над 160 текстилни работници остануваат на улица, а луѓето обвинуваат дека раководството им наложило да потпишат анекси на договорите за работа.

– Сите вработени во „Тетекс Јарн Лимитед“ од 1 до 10 март потпишавме договори на 3 месеци. На 17 март ни беа дадени нови договори за работа со важност од 9 март до 31 март без напишан износ на плата. Така со завршување на „новиот” договор од 1 април 2020 ние остануваме без работа, се жалат работниците кои ги испратија документите.

Додека компаниите се принудени да ставаат клуч на врата за власта тоа не било ништо драматично. Бројката била мала и немало простор за паника, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.

„Дрекслмајер” во Кавадарци пак го продолжува колективниот годишен одмор на 5.000 работници.

– Поради актуелната состојба со ширењето на Коронавирусот, како и прекинатите нарачки од нашите клиенти, компанијата го одложи производството. Повторниот старт ќе зависи од развојот на ситуацијата со светската пандемија, но и од развојот во автомобилската индустрија, нагласуваат од фабриката.

Останува отворено прашањето дали ќе се предомисли власта да ги спаси работниците со вбризгување на пореална финансиска инјекција за компаниите да се одржат.

Борис Грујоски