Техничкиот премиер Спасовски бара разрешување на министерката Мизрахи

Премиерот Оливер Спасовски побара разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, предлогот денеска го доставил до Собрание.

„Премиерот и Владата имаат обврска да обезбедат заштита на Уставот на Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека министерката Мизрахи свесно и намерно го крши Уставот и со тоа ја загрозува евроатланската иднина на земјата, премиерот до Собранието достави предлог за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика, Мизрахи“, велат од Владата.

Барањето на Спасовски следи откако министерката Мизрахи во неколку наврати се појави на прес-конференција во министерството пред табла со името „Република Македонија“. По што следеа реакции од Грчките Власти, а паралелно со тоа и на Министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека добил вербална нота од Грција за прекршување на договорот од страна на Мизрахи и му сугерираше на Спасовски да предложи нејзино разрешување до Собранието.

Мизрахи на тоа одговори дека таа табла ја затекнала во министерството кога ја презела функцијата и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции, Мизрахи последно изјави дека ако треба ќе плати казна но дека нема намера да ја тргне.

Според Уставот за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста