Течат роковите за избор на нов државен обвинител – Кој ќе го наследи Јовески?

Течат роковите за избор на нов државен обвинител – Кој ќе го наследи Јовески?

На еден месец пред истекот на мандатот на Љубомир Јовески, се уште не се знае дали навреме ќе се завршат сите процедури за избор на нов републички Јавен обвинител, или привремено ќе биде назначен вршител на должност. На Јовески, кој воедно е и кандидат за уставен судија, мандатот му истекува на 25 декември.

Откако Собранието огласот за нов јавен обвинител го објави на 29 ноември, почна да тече рокот за пријавување на кандидати, кој трае 15 дена. По поднесувањето, кандидатурите Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.

Дури после ова почнуваат собраниските процедури, односно, расправа на Комисијата за избори и именувања, и гласање со просто мнозинство.

Јавен обвинител на Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието –

Љубомир Јовески беше избран за јавен обвинител со 61 глас на 25 декември 2017 година. Пред него, в.д обвинител беше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен во август истата година. Актуелниот јавен обвинител е кандидат за уставен судија но процедурата е заглавена во Комисијата за избори и именувања, која треба да даде амин, за Јовески да се придружи на тимот на Добрила Кацарска. За неговата работа пак од страна на опозицијата е поднесена интерпелација, која беше ставена на седница на 2 ноември, месец ипол пред истекот на мандатот, и никогаш не дојде на ред за гласање. Интерпелацијата први ја покренаа пратениците од албанскиот опозициски блок со клучна забелешка во однос на истрагата за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово што се случи во септември 2021 годдина, во кој загинаа 14 пациенти.

Jaвното обвинителство за време на Јовески го тресеа низа скандали, меѓу кои и последниот кој вчера го објави опизицската ВМРО-ДПМНЕ, дека наводно власта набавила систем за прислушкување на било кој оператор и било кое лице, приватно или службено со т.н „малициозен софтвер“. На состанокот  кој се одржал во просториите на ОТА, за набавка на ваков софтвер, присуствувале претставници на ЈО и лично Јовески. Обвинителот во 2018 година пак објави дека обвинителите биле прислушкувани, но овој случај никогаш не се расветли. За сите критики за судско-обвинителскиот систем од ЕУ и САД, Јовески неретко милуваше да каже дека недовербата на граѓаните е погрешна перцепција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста