Таткото на убиениот матурант Ангел Петковски со солзи учествуваше во реконструкцијата на убиството

Седум години откако Ангел Петковски беше крвнички убиен на кејот на реката Вардар во Ѓорче Петров, денеска се реконструираше убиството. За реконструкцијата беа присутни родителите на убиениот Ангел, а од притвор беше спроведен обвинетиот Насер Ештрефи. Пред судскиот совет и јавноста беа прикажани две верзии на убиството, на обвинителството и на Ештрефи. Сликата од денот кога беше убиен матурантот, прво ја раскажа таткото Сашо Петковски,  кој бил на лице место кога Ештрефи, со нож го пребодел неговиот син. Со лисици на рацете и полициско обезбедување втората верзија од убиството ја раскажа Насер. 

За родителот на убиеното момче , повторното сеќавањето на денот кога беше убиен неговиот син беше стресно и тажно, но вели собрал сила да ја докаже вистината како бил убиен Ангел оти обвинетиот Ештрефи според него дал лажни верзии за настанот.

„Тука го изгубив мојот син. На овие скали тука падна и го носев на раце до горе. Мислев дека е во кома. Загубата за мене е преголема. Светот да ми го поклонат не ми вреди колку мојот Ангел“, рече Сашо Петковски, татко на Ангел.

Одбраната пак, која и побара реконструкција на убиството, вели дека судот ќе треба да одлучи која верзија е поверодостојна.

Она што сакаме да го потенцираме е дека беа видени двете верзии, верзијата на одбраната и верзијата на оштетениот односно семејството на покојниот. Судот треба да одлучи која верзија ќе биде веродостојна и ќе ѝ поклони верба“, рече Иванка Јакимовска, адвокат.

Ангел беше убиен со нож на 19 мај 2014г. кај Очната клиника во Ѓорче Петров, а татко му до последен момент се борел да го спаси животот на својот син. Тогаш Насер Ештрефи  беше прогласен за виновен со пресудата од 6 јули 2015 година и доби 14 години затворска казна.  Врховниот суд ја укина пресудата против  Ештрефи, со образложение дека во повтореното судење ќе треба да се проверат динамиката и редоследот на случувањата кои му претходеле на убиството на 18-годинишникот. Случајот со убиството на матурантот Петковски ја разгоре јавноста и жителите на населбата Ѓорче Петров кои излегоа на протести во 2014-та година.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста