Тасева: картичките и сличните активности кои наликуваат на поткуп да престанат за време на кампања

Тенка е линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп во случајот со платежните картички – вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенел. Според неа, периодот на реализација на мерките се совпаднал со предизборието, па тешко е да се дефинира дали процесот некој го злоупотребил. Тасева смета дека пакетот мерки се повеќе личи на популизам кој има за крајна цел добивање гласови на избори. Исплатите, според неа, никако не треба да продолжат и по 24-ти јуни кога почнува предизборната кампања.

Антикорупциската комисија веќе го испитува начинот на кој се поделија пари за исплата на плати, дали средства легнале кај добростоечки фирми, а кои компании што заслужиле помош биле одбиени. Се испитува и конфликт на интереси кај поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев затоа што неговата фирма „Брако“ доби над 100 илјади вера за исплата на плати, но самиот тој е член на Советот кој дискутира за истите мерки. Тасева ја оцени како малициозна изјавата на министерката Нина Ангеловска дека Анѓушев немал никаква корист од членството во Советот. Според неа, добро е тоа што стопанските комори се кренале на нозе и алармирале на пропусти.

Аналитичарите изминатиов период постојано предупредуваа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови. Предвидено е 324 илјади граѓани да добијат платежни картички од 3 и 9 илјади денари, а 117 илјади вработени да одат на одмор со ваучер од 6 илјади денари. Стартот на искористувањето на картичките се совпаѓа со предизборниот период, а ваучерите ќе станат валидни токму на денот на изборите на 15-ти јули.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста